Бизнис
30. March 2016 - 19:41

Законот за заштита на укажувачите стапи на сила – бизнисот против

Компаниите кои имаат над десет вработени, како и институциите, веќе треба да имаат назначено лице на кое било кој вработен може да му укаже на неправилности во работењето и да смета на заштита на неговиот идентитет.

Ова го налага законот за заштита на укажувачи, произлезен од договорот од Пржино, кој стапи на сила од 18 март.

Од бизнис заедницата велат дека компаните не се доволно запознаени со ова решение и дека тоа ќе ги зголеми нивните трошоци и администравни работи.

Согласно законот, на укажувачот, кој не мора да има докази, туку да верува дека се одвива нешто незаконско во работењето, му се гарантира анонимност и доверливост, а лицето овластено за прием на овие пријави е должно да ги заштити неговите податоци. Исто така, на секои шест месеци извештаите за примени пријави од укажувачи треба да се достават до антикорупциската комисија.

Глобите за непочитување на законот се движат од 2.000 до 6.000 евра. Компаниите имаат можност, по примерот кој се практикува и во западните земји, да се групираат и да назначат едно заедничко лице кај кое ќе може да се укажува. Сојзуот на стопански комори најави обуки во однос на поставување на системот за укажување за своите членки.