Македонија
4. November 2015 - 15:01

Законот за занаетчиство поддржан во прво читање во Собранието

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 71. седница во прво читање даде поддршка за Предлог законот за занаетчиство, со кој, меѓу другото, се уредуваат условите за вршење занаетчиска дејност и за издавање занаетчиска дозвола, водење занаетчиски регистар, организирање чирачка работа, како и организирање и финансирање коморски систем.

Министерот за економија Беким Незири, образложувајќи го законското решение, истакна дека со него се поврзуваат занаетчиските комори и институциите кои даваат придонес кон развојот на занаетчиството, се воведува еден централен регистар од кој ќе може да се дојде до посакуваните податоци и информации од оваа сфера... 

Со законот се регулираат начинот и условите за вршење на јавните овластувања од страна на коморите, се прецизира начинот на издавање и одземање на јавните овластувања од страна на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на занаетчиството, се воведува занаетчиска дозвола, која се издава за занаетчиските дејности за кои е потребно стручно оспособување и уметничко и домашно ракотворење и важи како гаранција за квалитет на производите и услугите кои ги нудат вршителите на занаетчиската дејност, а исто така, се дефинира и односот помеѓу Занаетчиската комора на Република Македонија и општинските занаетчиски комори.

Решенијата во законот го регулираат и финансирањето на занаетчиските комори и тоа предвидено е 90 проценти од средствата  од извршување на јавните овластувања и коморскиот придонес да се прелеат во општинските занаетчиски комори додека 10 проценти во Занаетчиската комора на Република Македонија. Се воведува и  чираштвото кое овозможува невработено лице да биде ангажирано од страна на работодавач со цел да се стекне со вештини, компетенции и знаења  за изучување на определен занает.

Пратениците денеска без расправа во прво читање дадоа поддршка и на предлог законите за дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство и на Законот за енергетика. 

Во прво читање беше усвоен и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за рамномерен регионален развој со кој треба да се обезбеди поголема самооодржливост во финансирањето на работата на центрите за развој на планските региони,  да се додефинираат надлежностите на носителите на политиката и зголемување на ефикасноста во спроведувањето на процедурите уредени со овој закон, како и да се унапреди функционалноста на центрите за развој на планските региони, начинот на нивното финансирање.

Пратениците од опозицијата истакнаа дека ова законско решение ќе го поддржат, но прашаа зошто било потребно толку долго време да се предложи ваков закон, а побараа и тој да се применува доследно и за тоа да се обезбедат средства.

Поддршка во прво читање пратениците дадоа и за измените и дополнувањата на Законот за финансиска дисциплина, кои имаат за цел развивање на пазарот на издавање корпоративни обврзници и зголемување на интересот на фирмите за издавање корпоративни обврзници, како и обезбедување сигурност за инвеститорот дека ќе успее да ги наплати. Се  овозможува заеднички застапник на имателите на обврзници да може да се јави во улога на потписник на Договорот за залог.

Пратеникот од СДСМ Петре Шилегов истакна дека вака понуденото законско решение може да предизвика аномалии и импликации кај должниците.

- Со вака поставеното решение должник може да стане кој било кон определено трето лица, било физичко или правно, без тоа да го знае. Може одредена обврска што ја има кон некое лице да му биде пренесена кон трето лице, рече Шилегов.

Затоа, рече, треба да се предвиди посебно овластување за пренос на обврзница или хартија од вредност или меница.

Министерот Аднан Јашари истакна дека кога се издаваат обврзници помеѓу издавачот и имателот се создава обвзнички однос, но тој е регулиран со Законот за облигациски односи.

- Издавачот на сите хартии од вредност има статус на должник, а тој што поседува е доверител и никогаш нема да има статус на должник со овластувањето, рече Јашари.

Додаде дека застапувањето врз основа на овластување како правна основа се уредува со законот за облигациски односи. - Не велам дека не е добро да се прецизира и во овој закон со посебна алинеја, но бидејќи ова е уредено со друг закон тенденцијата е да не се удвојат прашањата кои се уредени претходно, рече Јашари. 

Седумдесет и првата седница ќе продолжи по редовната пауза, со разгледување повеќе закони во прво читање, но и по скратена постапка.