Македонија
7. October 2015 - 16:19

Законот за забрана на објавување на бомбите останува во собраниска процедура - Меѓусебни обвинувања за лажење

Законот за инкриминирање на бомбите и законот за таканаречените свиркачи ќе бидат усвоени во Собранието до 20ти октомври. Ова го договориле партиите со посредство на меѓународните претставници.

До тогаш работните групи ќе треба да пронајдат компромисни решенија за законските одредби кои според опозицијата се неприфатливи.

И евроамбасадорот Орав и амбасадата на САД во Скопје изразија увереност дека овие прашања ќе бидат решени.

Партиите, се договорија прашањето за предложеното инкриминирање на објавување на нелегално стекнати информации да го покренат во работната група, да разгледаат такво можно законско решение во пакет со законско решение за заштита на таканаречените свиркачи и овие прашања да ги решат пред 20 октомври. Овие закони отвoраат сериозни прашања во врска со слободата на изразувањето, правото на граѓаните на приватност и доброто владеење, кои што треба да бидат адресирани во согласност со меѓународните обврски на Македонија, стои во соопштението од американската амбасада.

Владејачката партија зилезе со став дека предложениот закон може и треба да се доработи и да се донесе заедно со законот за дојавувачи на корупција.

Заев денеска признава дека овој закон е дел од пакетот мерки за имплементација на политичкиот договор но негира дека се согласил на конкретниот законски текст.

Предлагачот од ДУИ Талат ЏАфери остана на ставот дека законот не треба да биде повлечен. Тоа им го кажал и на меѓународните претставници. Вчера во интервју тврдеше дека предлогот им бил доставен на СДСМ уште пред две недели.

Потсетувањето кое во една прилика на партиите им го упати олеснувачот Питер Ван Хојте дека зборот е збор веројатно е применливо и во овој случај кога СДСМ отфрла веќе прифатен предлог.

Законското решение кое вчера влезе во собранието предвидува кривична одговорност за поседување, објавување и обработка на прислушуваните телефонски разговори кои беа предмет на така наречените бомби на опозицијата.

Дел од јавноста реагира на задирањето во слободата на изразување и информирање. ИСтите начела се кршат и со предложената регулација на медиумите со изборната регулатива која сеуште е на маса пред политичките лидери.