Македонија
2. October 2018 - 14:33

Законот за социјални реформи на увид, може да се даваат предлози и забелешки

Предлог-законот за социјална заштита со кој се предвидува повисока социјална помош, како гарантиран минимален приход за најголем дел од семејствата во социјален ризик, преквалификација и доквалификација на работоспособните приматели со цел да можат да се вратат на пазарот на труд и да излезат од сиромаштија, како и олеснување на пристапот до детски додаток, е веќе поставен на ЕНЕР, Единствениот национален електронски регистер на прописи на РМ. Сите заинтересирани можат да го погледнат законското решение, кое вчера е поставено на јавен увид, и да дадат свои забелешки и предлози.

Од МТСП појаснуваат дека сите досегашни анализи недвосмислено покажуваат дека системот на социјалната заштита во Македонија се наоѓа во фаза во која е неопходно да се преземат суштествени реформи, пред се со цел да се подобри ефективноста на паричните давања и ефикасноста на социјалните услуги што се испорачуваат до крајните корисници.

Досегашниот дизајн на социјалните трансфери, сметаат од МТСП, е доста нерамномерен и неадекватен и како таков, придонесува кон продлабочување на нееднаквоста во општеството. Во однос на услугите од социјална заштита утврдено е дека не ги следат индивидуалните потреби на крајните корисници, при што истите треба да се обезбедат во заедницата, преку натамошно спроведување на процесот на деинституционализација, децентрализација и плурализација.

Новиот систем на социјална заштита што неодамна ги промовираше Министерството за труд и социјална политика, треба да почне да се применува од 1 јануари наредната година. 

Реформата предвидува четириричлено семејство, со едно работонеспособно лице да добива 11.700 денари, а семејство со двајца возрасни и две деца 10.600 денари. 

Тогаш беше најавено дека за повеќе од 70 отсто на корисниците на социјална помош зголемувањето е повеќе од 300 отсто или трипати повеќе од тоа што го добиваат сега. Зголемувањето на социјална парична помош, се воведува преку минимален гарантиран приход. Целта е да се усогласи паричниот надоместок што го дава државата со потребите на граѓаните за да им се помогне побрзо и полесно да излезат од сиромаштија.

Исто така социјалната реформа предвидува и олеснување на пристапот до детскиот додаток, а се зголемува и сумата. Се воведуват и нови додатоци за поддршка на деца од семејства во системот на социјална заштита и од семејства со ниски примања. 

Со олеснувањето на пристапот до детскиот додаток, ова право ќе можат да го остварат 73.500 деца, за разлика од сега кога детски додаток примаат 3.200 деца, а додатокот за образование ќе им биде достапен на 64.316 деца за разлика од сега кога го добиваат 3.800.

Министерката Царовска смета дека најважно за секоја држава е да инвестира во човечкиот потенцијал бидејќи, како што рече, единствено инвестирањето во луѓето може да одржи една нација.

- Токму тоа го правиме. Пренасочуваме средства кон граѓаните кои се во ризик, но треба да ги извлечеме преку нивно ангажирање на пазарот на труд, а на нивните деца да им дадеме шанса за образование и еднаков старт како сите останати деца од семејства со повисоки примања, рече на промоцијата Царовска.

Не смета дека зголемувањето на социјалната парична помош, или т.н. гарантиран минимален приход, може да ги деактивира лицата од пазарот на труд, со оглед на тоа што сега минималната плата е околу 12.000 илјади денари, затоа што сега со реформата се овозможува семејство во кое има приходи од само една таква плата да добива и детски додаток и додаток за образование, со што вкупно ќе има околу  5.000 денари поголеми примања отколку оние со минимален гарантиран приход. 

Како заштитна мерка планирано е и доколку тие што ќе бидат прекфалификувани и доквалификувани согласно пазарот на труд два пати одбијат понудена работа да го изгубат правото на гарантиран минимален приход.

За спроведување на овие реформи за идната година се издвоени 2,2 милијарди денари.