Бизнис
28. January 2019 - 19:34

Законот за пазари засега не важи

Одложена е примената на Законот за зелени пазари. Законот се враќа на комисиска расправа со цел да се најде соодветно решение од интерес на сите засегнати страни. Предлагачите сметаат дека одложувањето за една година е доволен период пазарџиите да се информираат и подготват за новините.

“Земјоделците, пензионерите и воопшто сите пазарџии може да бидат спокојни, ќе се изнајде решение со кое што секој ќе може достоинствено и чесно да заработи денар плус, но и решение што ќе значи сузбивање на сивата економија”, изјави Костадин Ацевски, пратеник од СДСМ и коалицијата.

Опозицијата побара, а мнозинството не прифати да се врати стариот закон и одново да се расправа за измените со сите засегнати страни.

“Свесни сте за проблемот и затоа донесувате закон по скратена постапка за одложување на важењето на истиот. Меѓутоа, мора да алармирам дека со одложувањето нема да го решиме проблемот”, вели Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, закупците на тезги бараат средба со Премиерот. Сакаат лично да му објаснат зошто новото законско решение за нив е неприфатливо. Нивниот став е непроменлив, бараат целосно укинување на законот.

Новиот закон предизвика бурни реакции бидејќи пазарџиите сега имаат дополнителни трошоци од 60 евра за годишна лиценца, а пензионерите и хонорарците немаат право да закупат тезга.