Македонија
13. March 2018 - 16:16

Законот за јазиците утре на седница- Џафери ќе ги заобиколи амандманите, Мицковски вели ова е терор

Законот за јазиците најверојатно утре ќе се најде на Собраниска седница, но не заедно со амандманите на ВМРО-ДПМНЕ. Власта прави сценарио во кое ниту еден од поднесените над 35.000 предлози за измени на законот нема да се најде пред пратениците.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ за Сител вели дека принципиелно сметаат дека сите пратенички амандмани треба да се разгледуваат, но во овој случај ќе мора да направат исклучок

„Апсурдно е да се очекува да се разгледуваат повеќе од 35 илјади амандмани во трето читање на закон кој содржи вкупно 23 членови, чие поднесување има единствена цел да се блокира работата на Собранието и да се закочат реформските процеси. Ние минатата седмица му дадовме шанса на дијалогот и се уште веруваме дека со разговор може да се дојде до заеднички прифатливо решение што нема да значи блокирање на работата на Собранието.“ – вели Тунтев за Сител.

Неговиот став е практично идентичен со дел од ставовите на албанската експертска јавност.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема промена на нивниот став. Партискиот лидер денеска во една изјава три пати го повика мнозинството на разумно однесување предупредувајќи дека сите кои ќе го поддржат како што рече парламентарниот терор соодветно ќе одговараат.

Мицкоски не сакаше да открие кои ќе бидат следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ доколку власта ги заобиколи нивните амандмани.
Аналитичарите очекуваат во таков случај, ВМРО-ДПМНЕ комплетно да се повлече од Собранието и воопшто да не гласа за реформските закони за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Законот за јазиците е во фаза на трето читање а до неа, помина низ можеби најчудниот пат во македонската парламентарна историја. И покрај ставот на власта дека имало 9 месеци за да се дебатира за ова законско решение, факт е дека во целиот тој период ДУИ не му дозволи на ниту еден пратеник да смени ниту една буква од она што беше поднесено како предлог. Дополнително интегративците со законот ја условија и својата поддршка за Владата, но понудата на опозицискиот лидер Мицкоски да го штити мнозинството на Заев, премиерот ја одби, бидејќи го потсетувала на Груевски.