Македонија
11. September 2017 - 11:42

Законот за јазиците пред Комисијата за политички систем

Собраниската Комисија за политички систем денеска почна расправа за Предлог-законот за употреба на јазиците.

Како што образложи Валентина Шаурек, државен советник во Министерството за правда, основна цел за носење на законот е доследна примена на уставните амандмани во законскиот текст во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Воедно се регулира и употребата на другите јазици на кои зборуваат граѓаните од заедниците кои се помалку од 20 проценти, потенцира Шаурек.

Во текот на расправата пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски оцени дека Предлог-законот е неуставен, односно, како што рече, од предложените 25 члена, барем 20 члена се неуставни. Според Димовски, со поставувањето на европското знаменце на законот парламентарното мнозинство сака да ја скрати дискусијата за законот.

На неговата забелешка дека во 30-те минути колку што му се дозволени за дискусија не можел да ги изнесе сите ставови за предложениот закон, претседателот на Комисијата Александар Кирацовски рече дека ќе му биде овозможено време за бараната дебата.

Расправата во Комисијата ќе продолжи по паузата што Кирацовски ја објави на барање на Димовски за присуство на пленарната седница при утврдување на дневниот ред. За реплика на дебатата од Димовски е пријавен пратеникот Реџаил Исмаили од ДУИ.

залено светло за законот за употреба на јазиците, во прво читање, минатат недела даде Комисијата за европски прашања.