Македонија
7. March 2018 - 16:15

Законот за јазици отвора можност за нова лидерска средба

Нема криза во владината коалиција тврди премиерот Заев по вчерашниот ден во Собранието кога по 6 часа, ДУИ не успеа да го убеди СДСМ законот за јазиците да се протне преку амандманите на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев причината за одложувањето на седницата ја лоцираше во недостатокот на кворум, потенцирајќи дека неговата партија останува на ставот дека овој закон треба да биде донесен и дека пратениците на СДСМ ќе го поддржат.

За разлика од Заев, Џафери вчера во интервју за Алсат не криеше дека не ја добил поддршката од пратениците на СДСМ,  испраќајќи и порака на владејачката партија дека ако планира да се повлече од процесот тоа во ДУИ ќе биде сфатено како ултиматум, а тој како што рече, ултиматуми не прифаќал.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ денеска не го коментираше Џафери. Потенцираше дека очекува решение низ дијалог

„Пратеничката група на СДСМ и коалицијата му дава шанса на дијалогот. Веруваме дека само преку разговори, со коалициските партнери и со опозицијата, може да се изнајде решение. Ние остануваме на ставот дека е потребно заокружување на процесот на усвојување на Законот за употреба на јазиците, со кој се унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници во државата.“ – вели Тунтев во изјава за Сител

Дел од медиумите јавуваат и за можна лидерска по ова прашање, но партиски извори велат дека до овој момент, ваква средба не е договорена иако можноста за тоа не се исклучува. Џафери остави време од една недела за усогласување на ставовите, но позициите на ВМРО-ДПМНЕ и натаму остануваат непроменети.

„Очекуваме дека СДСМ и владејачкото мнозинство конечно ќе се посветат на европската агенда и реформските приоритети. Тоа што досега декларативно го говореа, време е да се реализира во пракса. Впрочем и високите европски претставници во повеќе наврати нагласија дека законот за двојазичност не е дел од реформскиот процес. “ – велат од ВМРО-ДПМНЕ 

Но првиот човек задолжен за македонските европски интеграции и натаму Законот за јазиците го става во пакетот реформи, за кои не ја исклучува можноста да бидат заглавени токму од ДУИ доколку законот за јазиците не биде донесен

Законот за јазиците беше клучен услов на Ахмети за коалиција со Заев која по 11 години опозиција го врати СДСМ на власт.