Македонија
10. February 2020 - 8:30

Законот за јавното обвинителство влегува во собраниска процедура

Законот за јавното обвинителство по синоќешното зелено светло од Владата денеска влегува во собраниска процедура. Власта ја обезбедила потребната двотретинска поддршка од пратениците за негово изгласување. Парламентарното мнозинство смета на гласовите на Независната пратничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на Алијанса на Албанците, на Алтернатива и на БЕСА.

Се очекува законот по скратена постапка да биде усвоен во Собранието до 12 февруари за кога е најавено распуштање на актуелниот пратенички состав и распишување на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера изјави дека преостанатите три дена до распуштање на законодавниот дом се доволни законот за ЈО да биде изгласан.

Вели дека е создадено решение и постигната добра основа за носење на законот, кој, според него, ќе биде придонес за правната држава и владеењето на правото, ќе гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат правна разрешница, без скриена амнестија, а ќе значи и аргумент плус за добивање датум за старт на преговорите со ЕУ.

Уште еднаш ги повика сите политички партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, да го поддржат законот.

– Уште еднаш испраќам директна покана до Христијан Мицкоски и повик ВМРО-ДПМНЕ да учествува во овој закон, затоа што се што бараа во овој период низ разговорите кои две години се случуваат е веќе вградено, изјави Заев.

Тврди дека конечното решение на законот за јавното обвинителство ги опфаќа предлозите на партиските работни групи.

– Во нив е вграден нормативот на години стаж на јавниот обвинител во ЈО, соодветната употреба на јазици во државата, сите сугестии кои дојдоа од Алијанса на Албанците, од Алтернатива, од БЕСА, сето тоа што е разговарано е веќе потврдено и вградено во самиот закон. Благодарение на независната пратеничка група се вградени механизми кои верувам дека ги ставаат сите во посигурна состојба за да име едно вакво решение, а тоа е дека незаконските прислушувани материјали во периодот 2008 – 2015 година не може да бидат основа за обвинение. Целосно е регулирано во законското решение што со предметите до 30 јуни 2017 година, што со истрагите после тоа, изјави Заев.

За можноста ВМРО-ДПМНЕ со амандмани да го оневозможи донесувањето на законот, Заев вели дека не го очекува тоа, но во случај на обиди за блокада може да се одложи распуштањето на Собранието.

Мицкоски, пак, вчера од Кавадарци порача дека очекува во среда да биде распуштено Собранието, како што е договорено кај претседателот на државата Стево Пендаровски. Очекува сите политичари да си стојат на договореното.

Во врска со законот за ЈО, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ден претходно кажа дека СДСМ ако собере мнозинство може да го донесе во Собранието, но нагласи дека нема намера да преговара за пролонгирање на датумот за распуштање на Парламентот.

Поддршка за законот ќе даде независна пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи, како што велат, во него се вградени нивните ставови. Апелираа до ВМРО ДПМНЕ да поднесе конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржат и во интерес на граѓаните да се донесе законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и ќе се даде импулс за евроатланските процеси.

Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека ако добие усогласено решение, законот за ЈО ќе биде ставен на седница пред распуштањето на Парламентот в среда.