Македонија
23. January 2020 - 19:30

Законите за отпис на камати заглавија во собраниската процедура

Законите за отпис на каматите и на граѓаните и на општините заглавија во Собранието. Претседателката Затуровска ја прекина комисијата со оправдување дека за двата закони доставени се 1000 амандмани кои не се подготвени за разгледување.

Според пратеници од владејачкото мнозинство, пак, Затуровска го прекршила Деловникот. По прекинувањето на Комисијата, препукувањата меѓу власта и опозицијата за двата закони продолжи во Прес центарот.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски обвини дека со носење на Законот за отпис на каматите на општините СДСМ се обидува да го прикрие недомаќинското работење на градоначалниците. Вели дека иако во 2018 година општините добија 50 милиони евра за да ги подмират долговите, тие оттогаш наваму пораснале за 25 отсто.

Власта, пак, обвинува за деструктивно однесување на ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека Законот се носи оти сметките на општините биле блокирани.

Пред само година и пол владата со ребаланс на буџетот скрати 50 милиони евра од капиталните проекти и им ги даде на општините за да ги покријат долговите. Меѓутоа, дел од градоначалниците откако ги добија овие пари купуваа луксузни автомобили со оправдување дека не доликувало да се возат во стари.