Македонија
6. May 2021 - 19:53

Закажана е средбата Пендаровски - Мицкоски

Утрешната средба со опозицискиот лидер според шефот на државата е позитивен чекор кон враќање на политичкиот дијалог кој многу недостасува во земјава.

 Добро е што по девет месеци некомуницирање, ВМРО-ДПМНЕ воспоставува комуникација со институцијата претседател, што може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, вели Пендаровски во изјава за Дојче веле.

По најавите дека осудените за 27 април ќе бидат во фокусот на утрешната средба Пендаровски-Мицкоски, од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат уставобранителите конечно да добијат вистинска правда. 

Очекување е да се излезе со заеднички став околу вистинската правда за уставобранителите, и очекуваме да Зоран Заев конечно ги тргне рацете од судството и обвинителството и овие луѓе кои се невини обвинети и за дело кое не го сториле конечно да добијат можност да се бранат и да ја докажат својата невиност, рече Нелоски.

Одмрзнувањето на односите помеѓу шефот на државата и опозицкста партија го поздрави и премиерот Заев. Вели дека од ваквите разговори државата може да има само корист, но останува на истиот став за осудените за 27 април.

Нека има дијалог, Од тоа нема зијан. Гледате, мојата средба со Мицкоски, а потоа и со Зијадин Села и со Африм Гаши даде делумни резултати. Во однос на осудените тука не станува збор за ново помилување, туку дека секој има право да побара ново судење доколку има нови докази и аргументи, вели Заев

Средбата Пендаровски-Мицкоски е закажана за утре во 15 часот. Ново судење за 27 април, но и актуелните економски и политички состојби во државата според најавите ќе бидат во фокусот на разговорите.