Свет
15. February 2021 - 18:49

Зајберт: Германија не го исклучува затворањето на границата со Франција

Германија не ја исклучува опцијата за проширување на контролите на границата со Франција, бидејќи новите варијанти на коронавирусот почнаа брзо да се шират во источниот регион Мозел, откако претходно официјален Париз повика да не се затвораат границите.

Портпаролот на канцеларката Ангела Меркел, Штефен Зајберт, за ова прашање денеска изјави дека Берлин „продолжува да ја следи ситуацијата и континуирано ги разгледува своите мерки за борба против пандемијата“.

Тој додаде дека затворањето на границите не е нормално, но е неопходност, а, исто така, посочи дека Германија е во „ситуација кога мора да стори се за да го спречи ширењето на новите поагресивни мутации на вирусот во земјата, како што тоа беше на други места“.

Францускиот министер за европски прашања, Климент Бон, претходно денеска ја повика Германија да не ги затвора границите со Франција.

-Не сакаме Германија целосно да ги затвори границите, рече Бон откако Берлин викендов одлучи да воведе строги контроли на границите со Австрија и Чешка.

Според него, затворањето на границите треба да се воведе во координација со Франција и дека тоа мора да вклучува „далекусежни исклучоци, колку е тоа можно повеќе, за да се заштитат прекуграничните работници“.

Германија вчера делумно ги затвори границите со Чешка и австриски Тирол поради брзото ширење на новите варијанти на вирусот и покрај осудите од Европската унија.

Според новите правила, само Германците и граѓаните со легален престој во земјата имаат дозвола да ја преминуваат границата.

Граничните контроли утринава предизвикаа километарски долги колони на премините со Чешка. Некои возачи мораа да чекаат со часови. Немаше застој во сообраќајот кон Тирол. Австриското Министерство за надворешни работи го повика на разговор германскиот амбасадор.

Портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи ги отфрли критиките од ЕУ, оценувајќои дека германската политика ги „комбинира европското размислување со локалните потреби“.