Свет
13. May 2021 - 20:17

Захарова: Русија е разочарана од германското претседателство со Советот на Европа

Берлин се однесува како предводник на антируските сили, а не водач на пан-европска организација, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Русија е разочарана од шестмесечното претседателство на Германија со Советот на Европа, посочи Захарова.

– Разочарани сме од германското претседателство во оваа структура, со чија помош беше организиран овој напад врз нашата земја. За сите шест месеци, Берлин не се однесуваше како водач на пан-европска организација, туку како предводник на антируските сили, ставајќи ги интересите на Унијата над целта утврдена во статутот на Советот на Европа, односно зајакнување на единството меѓу своите членки, изјави портпаролката на руското МНР.

Захарова го оцени како тажен фактот што Германија го заврши претседателството со одлука на Советот на министри за Крим, што претставува „колекција на лажни тврдења и апсурдни обвинувања“ против Русија.

– Справувањето со такво наследство ќе бара многу напор од здраворазумските земји. Дали ќе можеме да се вратиме на агендата за обединување или нова криза е неизбежна, останува отворено прашање, заклучи Захарова.