Свет
18. July 2018 - 18:01

Захарова: Неосновани обвиненијата од Македонија за вмешаноста на Русија во протестите

Изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев дека бизнисмени кои имаат симпатии кон Русија ги финансираат протестите во Македонија се неосновани, изјави денеска во Москва портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Како што информира Спутник Србија, таа на редовниот брифинг со новинарите изјави дека Русија е збунета со изјавата на македонскиот премиер дека одредени бизнисмени кои се наклонети кон Русија, наводно ги финансираат антивладините протести во Македонија, кои се поврзани со договорот со Грција околу преименување на земјата во Северна Македонија. Таа нагласи дека ова е уште една порција несновани обвиненија против Москва.

- Сето ова очигледно е потребно само поради една цел - зголемување на антируската хистерија. Очигледно е дека повторно не постојат факти кои би можеле да ги потврдат овие зборови и ништо нема да ни биде претставено, инаку тоа досега би било направено, изјави Захарова.

Премиерот Заев во интервјуто за американскиот „Базфилд“ пред два дена изјави дека насилните протести во Македонија ги финансирале про-руски бизнисмени.