Свет
27. October 2017 - 23:15

Захарова: Москва го почитува суверенитетот и територијалната целост на Шпанија

Ставот на Русија за ситуацијата во Каталонија останува непроменет, истакна портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова откако Парламентот во Барселона прогласи независност, а шпанската Влада ги разреши каталонскиот Парламент и Влада.

Таа изјави дека Каталонија е внатрешно прашање на Шпанија и оти Москва го почитува суверенитетот и територијалната целост на земјата.

Во текот на денот и другите евроски лидери реагираа на настаните во Каталонија. 

Портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт претходно наведе дека Берлин  ја поддржува шпанската Влада и нема да ја признае независноста на Каталонија.

- Германската Влада не познава таква декларација на независност. Берлин ја поддржува јасната позиција на шпанскиот премиер Маријано Рахој во неговите заложби да го врати мирот и редот. Се надеваме дека сите вклучени страни ќе ги искористат можностите за дијалог и деескалација, рече Зајберт. 

И францускиот претседател Емануел Макрон изрази целосна поддршка за шпанскиот премиер Маријано Рахој.

- Имам еден соговорник во Шпанија и тоа е премиерот Маријано Рахој... Има правна држава во Шпанија со уставни правила. Рахој ја има мојата целосна поддршка, изјави Макрон за време на посета во Француска Гвајана.

Велика Британија „не ја признава и нема да ја признае независноста на Каталонија“, јавија британски медиуми пренесувајќи изјава на портпарол на премиерката Тереза Меј. Според него, декларацијата е врз основа на гласање што „го оквалификувавме како илегално“. 

Премиерот на Белгија, Шарл Мишел ги повика денеска властите во Мадрид и Барселона на дијалог по одлуката за независност на Каталонија.

- Една политичка криза може да се реши само со дијалог. Повикуваме за мирно решение, напиша Мишел на Твитер.  

Италијанскиот министер за надворешни работи Анџелино Алфано истакна дека „декларацијата за независност на Каталонија е многу сериозен чин и е надвор од границите на законот“. Тој нагласи дека Италија нема да го признае едностраното прогласување независност од страна на каталонскиот парламент.