Захариева: За 10 години 88.450 Северномакедонци добија бугарско државјанство врз основа на потекло
Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева Софија повторно со став дека Бугарија не го негира јазикот и идентитетот на Македонците, туку, таа смета дека процесот бил обратен, односно, како што рече „тие ги негираат правата на Бугарите. Таа ова го истакна во интервју за германскиот весник Велт објавено денеска, пренесува Дојче Веле на македонски јазик.
-Се согласувам (со вицепремиерот Никола Димитров, н.з.) дека секоја нација има право на самоопределување. Но не се согласувам со тврдењето дека ние им го негираме тоа право. Тоа не е точно, вели таа.
Захариева тврди дека во изминатите десет години 88.450 граѓани на Македонија, добиле бугарско државјанство врз основа на нивното потекло.
– (…) Се разбира дека звучи ужасно доколку една земја и го негира правото на самоопределување на која било друга земја. Но, спротивното е точно. Во изминатите десет години 88.450 Северномакедонци добија бугарско државјанство врз основа на нивното потекло. Тие се бугарски и европски државјани. Тие имаат право на самоопределување. Но секој, кој денес во Република Македонија се дефинира како граѓанин со бугарски корени, таму и понатаму се дискриминира. Пред околу две недели некои групи ги објавија личните податоци и адресите на овие луѓе, во некои случаи дури им се закануваа дека ќе ги обесат, вели Захариева за „Велт“.
Таа повторно со тврдења дека Македонија ја политизира работата на мешовитата историска комисија, го блокира развојот на Коридорот 8 и бугарските инвестиции во земјата. Бугарската министерка дури ја обвини земјава дека лаже оти Бугарија и го негира идентитетот и јазикот и додаде дека „го слави мрачниот диктатор Тито“.
Апелирајќи да се смират емоциите во двете земји и да се води конструктивна дебата, Захариева вели дека не и јасно како во Македонија можела да се слави 40-годишнината од смртта на „мрачниот“ диктатор Тито. Оттука и „Велт“ го објавува интервјуто со наслов: „Како во Берлин да се слави денот на смртта на Хитлер“, пишува Дојче Веле.
Прашана зошто нејзината земја го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, Захариева дава серија причини, почнувајќи од имплементацијата на Договорот за добрососедство.
-Јавната дебата се врти само околу прашањето на историјата. Договорот им го препушта ова прашање на историчарите. Затоа формиравме историска комисија со експерти од двете страни. Но нејзината работа беше прекината од владата во Скопје пред повеќе од една година, со образложение дека ќе имаат избори. Но Комисијата не смее да биде политички инструментализирана. Во Бугарија во тој период имавме на два пати избори. И јас не можам да си замислам дека на една историска комисија може да и се каже ’престанете со работа’, затоа што имаме избори. Комисијата е независна и не смее да добива насоки од владата. Но историјата не е единствената точка“, вели Захариева.
Натаму таа ја наведува инфраструктурата, како следна проблематична точка и посочува дека срамно е што двете соседни земји немаат железничка линија и обвинува дека меѓународните институции кои го финансирале овој проект „загубиле 130 милиони евра“, а Македонија во „пристапниот буџет“ не предложила ниту еден инфраструктурен проект на оската исток-запад.
На прашањето на новинарот дали е точно дека Бугарија опстојува на ставот дека македонскиот не е самостоен јазик, туку дијалект на бугарскиот, Захариева го дава следниот одговор:
„Најтешка тема се неточните обвинувања што се слушаат подолго време дека им го негираме правото на самоопределување на Македонците. Или правото да го нарекуваат нивниот јазик како што сакаат. Но, земјите не признаваат јазици или нации, туку само други држави“, вели Захариева.
Таа додава дека Скопје прави обид „да ја портретира Бугарија како земја која останала во не знам кој век“.
На забелешката дека Бугарија го разгорува конфликтот со соседот заради внатрешно-политичките проблеми, Захариева ја префрла одговорноста на другата страна и вели дека „блокадата нема ништо заедничко со протестите во нејзината земја“.
На прашањето, дали има надеж да се најде компромис до крајот на годинава, кога завршува германското претседавање со ЕУ, Захариева одговара со цитат од францускиот претседател: „Квалитетот е поважен од брзината на процесот“ и бара да престане омразата. Според Захариева од 1 септември до 20 ноември биле избројани 14.699 негативни објави за Бугарија во македонските медиуми и само четири неутрални. Таа, пак, тврди дека во Бугарија, во истиот период, имало 450 позитивни извештаи за Македонија во медиумите.
-Тоа покажува недостаток на плурализам. Кон мене беа прилично брутални кога се осмелив да го искажам своето неразбирање затоа што ја славеа четириесет годишнината од смртта на еден од најмрачните диктатори – Тито. За помалку од десет години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Потоа веќе таму не бев толку популарна. Ама тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер, заклучува Захариева во интервјуто за „Велт“, пренесува Дојче Веле.
Ново на Сител
-
Скопјанец нападнат од сопственик на авто сервис во Чаир
-
Охриѓанка измамена за 300.000 денари
-
Почна автобуски превоз од Тетово до Попова Шапка, градоначалникот најави поддршка за ски центарот
-
Опожарено возило во Аеродром, нема повредени
-
Фатен малолетник со нож на Бит Пазар, поднесена пријава
-
Вардар ја засили дефанзивата со Словакот Михаил Пинтер
-
Забрана за движење на тешки товарни возила на патот Гостивар–Кичево преку Стража
-
Измамена Охриѓанка за 300.000 денари - И кажал дека има пари на сметка од Биткоин