Македонија
20. February 2021 - 18:18

Захариева: Бугарија со месеци предлага заседание на меѓувладината комисија со Македонија

Бугарија со месеци предлага да се одржи средба на меѓувладината комисија со Република Македонија за да се направи сериозна анализа на ситуацијата, изјави бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за Бугарското национално радио (БНР).

– Имаме сериозни контакти на оваа тема. Се обидуваме да подготвиме предлог протокол на комисијата. Во неа има конкретни работи – историската комисија, да не се дозволи еднострана одлука за прекин на работата на комисијата, за бизнисот, културата, образованието, одбраната, говорот на омраза. Предложивме да се посочат конкретни ортгани, кои ќе реагираат, кога ќе биде потребно за намалување на говорот на омраза, вели Захариева.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Захариева се осврнува и на руското влијание на Западниот Балкан, при што оценува дека некои од земјите кандидати за членство во ЕУ од регионот се многу малку усогласени со заедничката надворешна политика на ЕУ кон Русија, како резултат на влијанието на Москва врз нив.

– Македонија е една од овие земји, со исклучително низок процент, под 50 отсто на усогласеност со заедничката надворешна политика на ЕУ. Србија, исто така, е една од оние земји со помал процент, но не толку низок како Република Македонија, тврди Захариева, посочувајќи дека Албанија има прилично висока стапка на усогласеност во областа на надворешната политика со ЕУ.

Захариева оценува дека е важно овие земји да се реформираат и да одлучат дали ќе бидат сојузници на НАТО и дали ќе бидат членки на ЕУ, а не еден од нејзините соседи.

– Во интерес на Бугарија е Македонија да оди по патот на зачленување (во ЕУ), но да биде искрена и не само со зборови. Се обидуваме да ги намалиме тензиите, изјави Захариева за БНР.