Македонија
24. August 2017 - 14:04

Захариев: Во Штип интензивно се гради обиколницата кон индустриската зона

 Во Штип интензивно се гради обиколницата од штипската населба Сењак до индустрискиот дел на градот, која ќе има функција да го растовари сообраќајот во попладневните часови по булеварот „Гоце Делчев“ и на Камениот мост на реката Брегалница.

Градоначалникот на општина Штип Илчо Захариев изјави дека околу 30 отсто од градежните работи се завршени од првата фаза за изградба на обиколницата.

- Паралелно со обиколницата се гради и мостот, кој се прави во фирмата „Актива“. Насипот од улицата „Борис Крајгер“ кон реката Брегалница е завршен, а завршен е и насипот од делот на патот што води до улицата „Доктор Слободан Јованов“ и до фабриката „Барагала“. Следува тампонирање, поставување рабници и асфалтирање, рече Захариев.

Тој забележа дека изградба на ваква сообраќајници во Штип се случила пред 50 години. Првата фаза од проектот чини околу 700.000 евра, средства обезбедени од буџетот на општина Штип. Втората фаза од обиколницата опфаќа поврзување на улицата „Вељко Влаховиќ“ во населбата Пребег до бањата „Кежовица“, каде и мостот на реката Брегалница кај познатата штипска бања ќе се проширува.

- На овој начин Штип и штипјани ќе добијат една обиколница од која корист ќе има секој граѓанин, посебно населението кое живее во населбите Автокоманда, Дузлак, Сењак и Баби. Тоа се некаде околу 25.000 жители, а ќе има корист и индустриската зона затоа што ќе се патува побрзо, поевтино и сите оние задржувања и гужви кои ги имавме на Камениот мост во населбата 8 Ноември веќе нема да постојат, рече Захариев.

Рокот за изградба на обиколницата, според тендерската постапка е шест месеци, но доколку се појават одредени пречки, тој може да се пролонгира.