Македонија
22. August 2018 - 16:16

Загрозениот сведок во „Монструм“ препозна тројца обвинети

Загрозениот сведок во случајот “Монструм”, препозна тројца од обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско езеро, на продолжението на судскиот процес за овој предмет. Со модифициран глас и преку камера од друга просторија, сведокот со кодно име Е1 рече дека четири лица со црн Голф 3, со затемнети стакла, неколку дена пред да се случи крвавиот инцидент, доаѓале на местото на настанот.

Ги препозна Фејзи Азири, Агим Исмаиловиќ, но и Самир Љута, за кој што кажа дека е 100% сигурен дека тој е човекот кој што бил со долга коса, и кој што му побарал запалка, но бидејќи немал запалка, цигарата му ја запалил со запалка од автомобилот. Тој рече дека тројцата ги гледал повеќе пати на оддалеченост од 30 сантиметри до 30 метри од местото на настанот, неколку дена пред да се случат убиствата. Со нив бил уште еден човек со брада, кој денеска не го видел во судницата. Последен пат ги забележал на 12 април.

Препозна уште едно лице кое се наоѓаше во судницата, кое не е меѓу обвинетите, но не го посочи поради безбедносни причини.

Судењето беше прекинато поради замор на загрозениот сведок, а продолжението е закажано за во петок.

Од одбраната велат дека загрозениот сведок е инструиран, и не ја зборува вистината поради фактот што неговиот исказ не е ист како на претходните судења.

На почетокот на распитот обвинителката Фетаи побара од судот да започне постапката за екстрадиција на обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се на Косово, на што судијата Огнен Ставрев рече дека веќе се во контакт со косовските власти за постапката за екстрадиција.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на доживотен затвор беа осудени 6 лица. По укинувањето на пресудите од Врховниот суд, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.