Македонија
8. November 2019 - 16:43

Заглави трансформацијата на работниот однос на здравствените работници

Над 1600 здравствени работници кои во болниците и клиниките се со договор на дело, се уште чекаат да добијат сигурна работа.  Министерот за здравство уште во јули најави трансформација на нивниот работен однос и вработување на неопределено време, но голем број лекари, болничари, техничари и друг медицински кадар и понатаму се без платено здравствено и пензиско осигурување.

Летото кога Филипче ја соопшти одлуката за трансформирање на работниот однос, изјави дека побарале од здравстверните установи да достават финансиска конструкција што ќе им биде потребна за исплата на овие лица. Од Министерството за здравство не добивме конкретен одговор колку пари ќе бидат потребни за реализација на мерката. Но велат дека процесот на трансформација бил комплексен и за тоа било потребно време. 

Информираме дека се во тек активности за трансформација на работниот однос на овие лица, во соработка со стручните служби од јавните здравствени установи. Треба да се има предвид дека станува збор за комплексна и обемна постапка, која ги опфаќа сите јавни здравствени установи во државата, но потенцираме дека ова ветување ќе биде реализирано по комплетирање на сите законски процедури.

Најмногу, односно 66 лица со договор на дело има во Градската болница 8-ми септември каде дел од нив со години работат без решен работен статус.

Надлежните ја најавија трансформацијата на работниот однос во здравствениот сектор по случајот со младата лекарка во дебарската болница која била ангажирана за 15 000 денари месечно без платени придонеси.