Македонија
17. August 2020 - 16:55

Загинати и повредени во судир на возило со мигранти и полициски автомобил

Двајца мигранти починаа во тешка сообраќајна несреќа пред Радовиш. Синоќа околу 22 часот, возило марка „Ауду Ку7“ со скопски регистраски ознаки во кое се превезувале 12 мигранти од Сирија на патот Струмица – Штип, на клучката кај Радовиш удрило во паркирано товарно возило сопственост на МВР. Од силината на ударот и здобиените повреди на лице место починал еден сиријски државјанин. Осум лица, 7 мигранти и еден македонски државјанин со скршеници и обилни крварења, со возила на брза помош се пренесени во штипската клиничка болница. 

- Лицата се донесени со тешки телесни повреди и се стационирани на хирургија и се во шок соба. За жал еден од повредените починал во шок соба, изјави Марина Шуманска, портпарол на клиничка болница - Штип.

На возачот на џипот кој ги превезувал мигрантите во болницата му е укажана лекарска помош, но се уште не знаат за кое лице станува збор, зашто во него немал документи за идентификација.

- Македонскиот државјанин е опериран на неврохирургија. Моментално е во стабилна здравствена состојба, меѓутоа под опсервација од лекарите, додаде Шуманска

Во несреќата е повреден и еден полициски службеник. Сите хоспитализирани се на возраст помеѓу 17 и 33 години. Пред еден месец на истата делница во сообраќајна несреќа беа повредени 8 мигранти.