Македонија
30. January 2020 - 16:54

Загина спортскиот великан Благоја Георгиевски - Буштур

Во тешка сообраќајна несреќа во скопска Кисела вода загина легендата на македонската кошарка Благоја Георгиевски – Буштур на својата 69-та година.

-Токму на ова место доцна синоќа во сообраќајна несреќа животот го загуби македонската кошаркарска легенда Благоја Георгиевски – Буштур. Трагите од несреќата се видливи и денеска.

Несреќата се случила вчера околу 23 часот. Буштур со своето возило „фолксваген“ удрило во бетонска жардињера и загинал на лице место. Лекарските екипи на Итната медицинска помош кои пристигнале на местото на несреќата само констатирале смрт.

Буштур се враќал од ресторан каде што бил на вечера со босанскиот пејач на „Бјело Дугме“ и „Дивље јагоде“, Ален Исламовиќ.

-Вчера во сообраќајна несреќа во Скопје загина легендарниот кошаркар Благоја Георгиевски – Буштур. Синоќа се дружевме на заедничка вечера. Нека му е вечна слава и големо и искрено сочувство до неговото семејство, пријатели и љубители, напиша Исламовиќ на социјалната мрежа Фејсбук

Буштур ќе остане запаметен како човекот кој гордо го вееше македонското знаме на отворањето на Олимписките игри во Атина во 2004 година.

Тој е единствен македонски кошаркар кој заигра на едно големо натпреварување со југословенската репрезентација. Токму со таа славна генерација на Југославија освои сребро на Европското првенство во Западна Германија во 1971, и на летните Олимписки игри во Монтреал во 1976 година.