Македонија
17. December 2018 - 17:07

Загадувањето на воздухот е најголемиот убиец во светот - го крати животот за скоро 2 години

Загадувањето на воздухот, предизвикано најмногу од согорување на фосилни горива, го намалува животниот век, во просек за 1,8 години по човек, правејќи го најголем убиец во светот, соопштија истажувачите.

Малите честички проголтани од загадениот воздух го скратуваат животот повеќе од чад од цигари. Загадениот воздух претставува се поопасна закана по јавно здравје, за разлика од опасноста од ХИВ/СИДА, тврдат истражувачите, пренесува Ројтерс.

Универзитетот во Чикаго, преку Индексот за квалитет на воздухот, истражувајќи делови во Индија, која е втора најнаселена држава, дојде до резултат дека луѓето таму ќе живеат 11 години помалку, поради високото загадување на воздухот.

Македонија е дел од државите со слаб квалитет на воздухот. Мерните станици ширум државата не често функционираат, а властите зборуваат дека преземаат мерки за да го исчистат воздухот, но тоа најчесто не се случува. Изминатиот период, посебно Скопје, Битола, Тетово и Кавадарци се најдоа на листата на најзагадени градови. Локалните власти и надлежното министерство се обидуваат да ги смират граѓаните, но загадувањето едноставно се чувствува во воздухот. Дали некој во оваа држава ќе направи стратегија за подобрување на квалитетот на живот и реално истата да ја имплементира, останува да видиме.

Истражувачите стартуваа веб страница на која може да се израчуна колку години од животот може да ги чини загадениот воздух, според тоа во кој регион живеат. Загаденоста најчесто се мери по микрограми во метар кубен.

Кина и Индонезија се исто така едни од најзагадените држави во светот, каде честичките го кратат животниот век за седум години.