Загадувањето е грев
Загадувањето е грев, а неодговорноста кон животната средина е непочитување на Бог. Ваков заклучок може да се извлече од последното истражување на Институтот за политички истражувања-Скопје (ИПИС), интернет порталот Религија.мк и Фондацијата Конрад Аденауер (КАС), што во континуитет го спроведува во рамки на проектот „Република Македонија како мултиконфесионално општество.
Последното истражување насловено „Религијата и заштитата на животната средина“ се фокусира на односот на верниците, верските заедници кон екологијата.
Општите заклучоци од истражувањето покажуваат дека за повеќето испитаници прашањата поврзани со заштита на природата и загадувањето се важни, иако овој процент е релативно повисок кај православните во однос на муслиманските верници. Кај испитаниците од сите религиозни заедници, заедничка е перцепцијата дека еколошката свест на македонските граѓани е на многу ниско, или ниско ниво, што е во спротивност со перцепцијата кај прашањето каде повеќето сметаат дека заштитата на природата е исклучително важна тема.
Перцепциите кај мнозинството граѓани се дека религијата и екологијата се компатибилни области, односно дека загадувањето на природата е непочитување на Божјото дело, дека неодговорниот однос кон природата претставува грев и дека религијата и екологијата имаат меѓусебни допирни точки.
На директното прашање: „Според вас, дали загадувањето и неодговорниот однос кон природата е грев?“, високи 64,5% одговориле потврдно, додека 22,2% сметаат дека тоа не може да се дефинира како грев. Ова прашање е следствено поврзано со прашање во кое се бара мислење на верниците за екологијата преку основите на верските учења.
Па така во анкетата испитаниците се прашани: „Дали се согласувате, или не, со следното тврдење „Доколку според светите книги, Бог е создател на светот и природата, тогаш нејзиното загадување е непочитување на Бог и неговото дело?“, на што позитивно одговориле 63,8%, а 20,2% сметаат дека оваа паралела не е соодветна.
Со оглед на дискрепанцата помеѓу перцепциите за важноста од зачувување на природната средина и ниската еколошка свест во општеството, граѓаните во големо мнозинство се согласуваат на дополнителни законски мерки на принуда со кои ќе се унапреди заштитата на околината и ќе се зголемат еколошките стандарди. Во тој контекст 58,2% би подржале порестриктивни закони, а 25% донекаде би поддржале такво нешто. Со поригорозни мерки, не се согласуваат 6,2%.
Од друга страна кога станува збор за односот на верските заедници и на самите верски претставници кон овие еколошки теми, оценките на испитаниците се дека тие не се примарни во нивните активности.
Иако релативно висок процент од верниците (38%) имаат перцепција дека верските заедници дискутираат на еколошки теми, а релативно висок е процентот и на граѓаните (34%) кои имале лично искуство со свештено лице кое говорело на теми поврзани со зачувување на природата и животната средина, сепак инволвираноста се уште не е на посакувано ниво, односно не е кај мнозинството од испитаниците, иако перцепцијата кај повеќето граѓаните е дека религијата и еколошките теми се компатибилни едни со други.
Околу 45% од анкетираните сметаат дека претставниците на верските заедници не зборуваат за екологија и еколошка свест, а 57,1% анкетирани одговориле дека немале искуство со некое свештено лице кое говорело на теми поврзани со екологијата. Но, генерално верниците и муслимани и христијани, сметаат дека нивните верски заедници треба да имаат поголема одговорност за еколошката свест во општествата, како и тоа дека верските заедници треба да имаат проактивна улога во однос на заштитата на животната средина, да се ангажираат повеќе во насока на кревање на еколошката свест и да го употребат своето влијание кај верниците за зголемување на општествениот ангажман во насока на заштита на природата. Таков став делат над 70% од испитаниците.
На директното прашање: „Дали би заминале на еколошка акција доколку вашата верска заедница ве повика на тоа?“, потврдно одговориле 64,9%, а 18,9% не би оделе на еколошка акција доколку ги повика нивниот свештеник.
Истражувањето на „ИПИС“, „Религија.мк“ и „КАС“ е спроведено кон крајот на март 2021 година, на репрезентативен примерок од 1100 испитаници со маргинална грешка помеѓу +/-3.2% и 95% интервал на веродостојност.
Владимир Божиновски
Марјан Николовски
Ново на Сител
-
Овчите сипаници најчесто акутно заразно заболување во ноември, раст од 29,9 отсто во однос на октомври
-
Рокас: Во тек се многу дипломатски активности за евроинтегративниот процес на Северна Македонија
-
Соработката помеѓу Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Сојузот на пензионери, тема на седницата на Извршниот одбор
-
Приведен кадец во Струмица
-
Законот за јазици ќе чека до март
-
Ахмети: Отпор ќе има
-
СДСМ: Се враќа Сваровски судството
-
Тајсон: Не се сеќавам на борбата против Пол, дури и не знам зошто го направив тоа