Македонија
26. September 2020 - 16:48

Загадениот воздух нов сојузник на корона вирусот

Загадувањето може да предизвика ширење на Ковид-19. Според министерот за здравство неколку научни анализи укажувале дека штетните ПМ честички се можни преносители на коронавирусот, затоа како што изјави Филипче размислуваат да препорачаат секој да носи маска на отворено кога воздухот ќе биде загаден повеќе од дозволеното.

-Засега нема маски на отворено, кои штитат и од настинки и од сезонски грип и можно е научни списанија укажуваат дека е можно ПМ честичките кога има загадување да бидат преносители на вирусот. Тоа се аргументите кои ги евалуираме и врз основа носиме препораки каква мерка ќе се донесе, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

По зголемениот процент на новозаразени од тестирани пред 10-тина дена, Филипче вели дека сега состојбата се стабилизирала и секојдневните анализи не укажувале на не контролирано ширење на вирусот, затоа засега не се препорачуваат рестриктивни мерки. Министерот најави доколку дојде до влошување на состојбата прво ќе има локални ограничувања, не и во цела држава.

-Пристапот ќе биде таргетиран во некои општини, населби, градови. Засега нема потреба никаде. Тогаш ќе има ограничување на бројот на луѓе во јавниот превоз, целосна забрана за јавни собири, евентуално маски на отворено, додаде Филипче.

Анализата за високата смртност од Ковид-19 во Македонија наместо во понеделник ќе биде презентирана за една недела бидејќи според Филипче болниците се уште ги собирале податоците. Доцни и отворањето на 16-те регионални центри кои првично беа најавени за почетокот на есента, но поради одолговлекување на процедурите за кредитот тие најверојатно ќе профункционираат на крајот на годината.