Македонија
14. јуни 2019 - 16:06

Заев: Знаеме дека Груевски побегнал сокриен во багажник

Поранешниот премиер Никола Груевски избегал од земјава криејќи се во багажник, тврди премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг. Шефот на македонската влада за весникот по првпат изнесува детали од бегството на Груевски, кој доби политички азил во Унгарија.

Како се одвивало неговото патешествие до Унгарија во голем дел е познато, но досега ниту МВР преку официјалната истрага, ниту обвинителството, не обелоденија како Груевски ја напуштил државава.

Во јавноста кружат повеќе верзии, а премиерот Заев во интервјуто за германскиот весник ја потврди најчесто спомнуваната - дека домот го напуштил скриен во багажник на возило. Заев тврди дека ја знае траекторијата на движењето на Груевски во клучните часови од бегството

„Сега знаеме како. Груевски со лифт се симнал во подрумот на зградата, а таму се скрил во багажникот на автомобилот кој го извел надвор од земјата. Во Албанија, го чекало друго, унгарско дипломатско возило“, вели Заев во интервјуто.

На прашањето на германскиот новинар зошто потрагата по Груевски започнала дури во понеделник, кога експремиерот требало да се појави во затворот уште во петок, Заев одговара дека нашите закони дозволуваат осудените лица во петок, викендот да го поминат дома и дека тоа не може да се смени само заради неговиот случај.

Премиерот дополнува дека Груевски бил редовно мониториран, но според законот, тоа смее да се прави само доколку осуденикот е во јавност.

Непосредно по неговото бегство, Груевски за Сител тврдеше дека од Македонија заминал многу едноставно, не откривајќи како стигнал до Албанија. Дали ја употребил личната карта на некој од граничните премини или искористил некој див премин, остави на власта и на истрагата да најдат одговори.

Во интервјуто за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг насловено “Доколку Европа не си го исполни зборот, радикалните сили може да зајакнат”, Заев се осврнува и на политичките случувања во Македонија. Посочува дека не е сигурен што може да се случи доколку земјава извиси за датум, додавајќи дека во регионот свои интереси имаат и Кина и Русија.

“Ставете се во наша позиција. Граѓаните дури се согласија и со промената на нашето уставно име. Зарем сето тоа да биде залудно”, се прашува Заев.

Премиерот не ја отфрла ни можноста за предвремени избори, велејќи дека без испорачан резултат односно одлука за датум за преговори, во земјава замав можат да земат радикалните националистички сили.