Македонија
16. March 2018 - 17:19

Заев: Законот да се пушти „да живее“, одлуката на Иванов е кукавичлук - ВМРО-ДПМНЕ: Прекршени повеќе членови од Уставот и законот

Премиерот Заев го обвини претседателот Иванов за флагрантно кршење на Уставот и кукавичлук поради  одлуката да не го потпише законот за употреба на јазиците. Заев бара да се допушти  законот да го види светлото на денот а потоа Уставниот суд и венецијанската комисија да се изјаснат по него.

„ Да го оставиме законот да го види светлото на денот. Мене ми е жал што Претседателот одлучи буквално да не го почитува уставот. Тоа е флагрантно кршење на Уставот, тоа е  кукавичлук . Со овој закон конечно ќе ја реализираме последната правна обврска од охридскиот договор и сите ќе видат дека нема тиранска агенда ќе видат дека нема ништо да се промени во Македонија. Дадено им е едно ускратен уставно право на граѓаните од помалку бројните заедници. Со непотпишувањето се предизвикуваат и те како можности за било какви проблеми во Македонија “

По реакциите на експертската јавност дека законот е донесен во противуставна процедура, Заев рече дека начинот на кој е донесен е одлука на спикерот Џафери и негово деловничко право.

„ Претседателот на собранието одлучи согласно неговото објаснување да постапи во делот на правото кое го има согласно деловникот за да управува со седницата, сепак на крајот постојат институциите да кажат дали било исправно или не.

Опозицијата обвини дека СДСМ со носењето на законот ја погази демократијата , Уставот и законите а прекрши и неколку членови од Деловникот за работа  на Собранието. Според ВМРО ДПМНЕ владејачкото мнозинство покажа дека на Собранието гледаат како на гласачка машина која треба да изгласа сервирани закони. Наместо дебатата која беше ветувана од СДСМ тие на сила оневозможија секаков вид на дискусија и истуркаа штетен закон кој дополнително ќе ги продлабочи разликите во општеството.

„СДСМ ја погази демократијата, Уставот и законите, само за да изгласа закон кој ќе им овозможи да останат на власт без разлика што при пазарењето за зачувување на коалицијата – на маса е ставен неуставен, неприменлив и штетен закон за двојазичност.

Пратеникот Џафери не дозволи пауза, иако таа беше уредно побарана.

Пратеникот Џафери не дозволи кога беше побарана интервенција за несоодветната примена на Деловникот.

Пратеникот Џафери оневозможи претрес на секој амандман одделно и оневозможи разгледување на законот во третата фаза од читање.

ВМРО-ДПМНЕ не го признава и нема никогаш да го признае овој неуставен закон.

ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш истакнува дека некој ќе одговара за ова што го стори!!!               “

Законот за употреба на јазиците кој беше во трето читање и покрај бројните амандмани беше донесен без дискусија по нив изгласан со 64 гласа ЗА .