Македонија
4. January 2019 - 14:49

Заев за Танјуг: Очекувам многу брзо да нема граници меѓу земјите од регионот

Премиерот Зоран Заев во изјава за белградски Танјуг тврди дека со вчерашната изјава дека не гледа ништо спорно во предлогот на албанскиот премиер Еди Рама за отворање на границите со Македонија, Црна Гора и Грција, всушност мислел на отворање на сите граници. Тоа впрочем Заев го кажа и на вчерашната прес-конферњнција во Министерството за финансии кога забележа „ако е до мене јас би ги отворил сите граници“.

На конкретно прашање на Танјуг, доколку го поддржува предлогот на Рама што предвидува отворање на границите меѓу Албанија, Црна Гора, Косово и Грција зошто тогаш не го споменал и отворањето на границите со Србија и Бугарија, македонскиот премиер кажа дека „следејќи го примерот на ЕУ, како земји кандидати за зачленување, треба да креираме услови за институционална поврзаност и меѓусебна доверба“.

Движејќи се во правец кон евроатлантските интегративни процеси, очекуваме, кажа тој за Танјуг, да нема граници меѓу земјите од регионот.

-Еден од примерите е тоа што се прави на граничниот премин Табановце со Србија. „One-stop-shop“ со поддршка на Светската банка, што може да послужи како пример во иднина со Албанија, но и со другите соседи, рече Заев.

Македонскиот премиер смета дека државите од регионот многу брзо ќе ги достигнат стандардите „како и сите модерни западноевропски држави“, со граници отворени за сите граѓани.