Македонија
28. February 2018 - 10:49

Заев за ФТ: Македонија и Грција се блиску до решение за името

Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за „Фајненшл тајмс“ оценува дека Македонија и Грција се приближуваат кон решение на долгогодишниот спор за името.

Заев се надева дека ова прашање би можело да биде затворено пред самитот на НАТО во Брисел во јули годинава од каде Македонија очекува покана за членство.

- Јас сум оптимист. Многу е тешко, и свесни сме за тоа. Но, би било добро за двете страни да најдеме решение што е можно побрзо, вели Заев.

Повторува дека не е неопходна промена на Уставот на Македонија, на што инсистира грчката страна како гаранција за евентуалниот договор.

- Сега новото барање од Грција е дека треба да направиме промена на нашиот Устав. Но, Уставот е само книга со домашни правила и нема никакви импликации надвор од земјата. Во секој случај промената на Уставот не би значела конечна гаранција, бидејќи некоја следна влада во иднина би можела повторно да го промени Уставот, вели Заев.

За имињата кои во јавноста се спомнуваат како предлози на медијаторот Метју Нимиц (Република Македонија (Скопје), Северна Македонија, Горна Македонија, Вардарска Македонија и Нова Македонија), Заев посочува дека Нова Македонија е неприфатливо, бидејќи нема географска одредница, но оти може да се преговара за другите четири имиња.

Во интервјуто за „Фајненшл тајмс“ Заев оценува дека интеграцијата на Македонија во НАТО треба да оди напред без разлика на руското противење за ширењето на Алијансата.

- Русија нема ништо против нашата интеграција во ЕУ, но не гледа толку позитивно на нашата интеграција во НАТО. Имаме добри односи со Русија. Тие треба да бидат свесни дека нема друга алтернатива за нашата земја освен интеграција во ЕУ и НАТО, изјави Заев.

Во врска со поддршката од опозицијата за евентуалниот договор со Грција, имајќи предвид дека е неопходно да биде ратификуван во парламентите на двете земји, Заев вели дека тоа можеби и нема да оди така лесно.

- И во двете земји постои многу национализам, критицизам, луѓе и групи кои се против договорот, вали Заев за „Фајненешел тајмс“.