Македонија
26. August 2017 - 9:05

Заев во Драч на средба на премиерите од Западен Балкан

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска во Драч, Албанија, ќе учествува на неформалната средба на претседателите на влади на земјите на Западен Балкан посветена на регионалната интеграција.

На средбата, чиј домаќин е албанскиот премиер Еди Рама, ќе бидат одржани неколку работни сесии на теми поврзани со регионалната соработка и за зајакнување на интеграциските процеси на Западен Балкан. 

На маргините на неформалниот состанок се очекува и средба меѓу премиерите на Македонија и Србија, на која српската премиерка Брнабиќ ќе му ја пренесе на македонскиот премиер Заев поканата за одржување заедничка седница на владите на двете земји до крајот на годинава.

Покрај премиерите на државите од регионот, ќе учествуваат и комесарот за проширување на Европската унија Јоханес Хан и потпретседателот на Светска Банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер.

Од Европската комисија, очекуваат во фокусот на неформалната средба на премиерите од западнобалканската шесторка, да биде јакнењето на имплементацијата на обврските преземени за време на Самитот на ЕУ - Западен Балкан, кој што се одржа во јули годинава во Трст, особено акцискиот план за продлабочување на регионалната економска интеграција.

Регионалната економска зона, договорена на самитот во Трст, ќе обезбеди нови можности за бизнисот и граѓаните, ќе го зајакне економскиот раст и работните места. Следните конкретни чекори вклучуваат меѓусебно признавање на професионалните квалификации, идентификување и надминување на препреките за трговија и инвестиции во регионот, воспоставување на регионален дијалог за дигитална трансформација и започнување преговори за механизми за решавање на споровите, се вели во соопштението од ЕК пред средбата во Драч.

Европската комисија силно ја поддржува регионалната соработка на Западен Балкан, како неопходен дел од нивната перспектива за пристап кон ЕУ, преку значителни инвестиции во поврзување на инфраструктурата, економиите и луѓето во самиот регион и меѓу регионот на Западен Балкан и ЕУ.