Македонија
14. November 2019 - 16:35

Заев: Власта не бара алтернатива за ЕУ - економската соработка со Русија е од интерес за државата

Премиерот Заев тврди дека преку организирањето на Македонско-рускиот бизнис Форум, власта не бара алтернатива за ЕУ. На Форумот, што  се одржува по пауза од 5 години, за прв пат учество земаат високи владини претставници, што според рускиот амбасадор, е доказ дека се посветува големо внимание за развој на соработката со Руската Федерација и Евроазиската економска унија. Премиерот Заев вели дека уште во 2017 година била донесена одлука за повторно заживување на овој форум и продлабочување на економската соработка со Русија, како што тоа го прават и Германија, Франција и Холандија.

“За мене алтернатива на ЕУ и НАТО не постои, тоа и нашиот народ ни го кажува, повеќе од 80% од нашите граѓани се за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европа и во НАТО. Наш интерес е, впрочем како што тоа и европските и НАТО земјите тоа го прават, да соработуваат со остатокот од светот. Ние соработуваме и со Русија и со Кина и со Блискиот Исток и со многу Азиски земји, како што е Индија и други земји, затоа што тоа носи просперитет и бенефит на нашиот народ”, вели премиерот Зоран Заев.

Руските претставници во Македонија гледаат перспективен економски партнер со голем потенцијал за соработка.

“Отворени сме за дијалог во различни формати со сите заинтересирани играчи, вклучувајќи ја се разбира и Северна Македонија, чии деловни кругови мислам дека прекасно сфаќаат дека со влегувањето на рускиот пазар тие автоматски добиваат пристап до многу поголемиот пазар на Евроазиската економска унија”, изјави Сергеј Баздникин, амбасадор на Русија во Македонија.

Рускиот амбасадор порача дека политичарите треба да ги подобрат меѓусебните односи бидејќи тоа ќе ја зголеми и трговската размена меѓу двете држави.

Во меѓувреме, паралелно се одржува и Самитот Македонија 2025, на кој претседателот Пендаровски рече дека предуслов за успешна економија е соработката на политичарите со бизнис заедницата, односно градење политики согласно потребите и барањата на реалниот сектор.

“Навистина верувам дека после сите искушенија низ кои поминавме последниве години, конечно е креирана позитивна атмосфера и постои политичка волја кај клучните фактори и во власта и кај опозицијата да се истрае во намерите и развојот на економијата да стане наш апсолутен приоритет”, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски потенцираше и дека не е можно подобрување на бизнис климата во земјава без владеење на правото, доверба во институциите и нивно непристрасно и професинално функционирање.