Македонија
19. February 2021 - 16:07

Заев: Владата е сериозно посветена на реформи на средното стручно образование

Кампањата за предностите на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“, која МОН ја почна овој месец,  денеска беше промовирана во Богданци, а попладнево и во Струмица. Таа опфаќа консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за  утврдување на потребата од отворање нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата од идната учебна година и за дизајнирање на наставните програми и уписните политики според барањата на пазарот на трудот.

Премиерот Зоран Заев пред почетокот на јавната расправа во Струмица, истакна дека приоритети на Владата се развој на економијата, продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните и дека нишката што нив ги поврзува е образованието. Рече дека со политиките за економски раст, во изминатите три и пол години невработеноста е намалена до рекордни 17,5 проценти и дека тоа било постигнато благодарение на мерките кои се атрактивни за компаниите, како и од потребата на инвеститорите од стручен кадар кој веднаш по средното образование влегува на пазарот на трудот како компетентни млади луѓе.

-Токму затоа ги креираме основите на стручното образование на чија имплементација Владата е сериозно посветена и оттаму оваа серија трибини низ целата држава за да им ги приближиме на младите луѓе самите придобивки – квалитетни, квалификувани кадри кои ги продуцира средното стручно образование се добредојдени и посакувани од компаниите  што инвестираат во нашата земја. Со поддршка на нашите пријателски земји и искуствата од примената на  дуалното стручно образование, го почнавме процесот на имплементирање на средното стручно образование со отворање дуални паралелки, како и можност за феријална пракса на учениците во самите компании, истакна Заев.

Го радува, рече, што и компаниите покажуваат огромен интерес да ги вклучат низ практична настава учениците во производствените процеси и убеден е дека голем број од нив на крајот од средното ќе добијат и понуда за работа.

Со идентификување на профилите кои ќе се отвораат во средните стручни училишта уште во идната учебна година, според потребите на реалниот сектор, ги менуваме, рече Заев, и политиките за стипендирање на учениците од техничките струки, за да се поттикне изборот токму на овие профили со кои ќе имаат и поголема можност за вработување.

Министерката Мила Царовска  посочи дека дијалогот со реалниот сектор е начинот на кој најбрзо и наједноставно ќе може да се прилагодат понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

-Нашите средни стручни училишта во овој период се отворени заедно со компаниите и Центарот за стручно образование да креираат соодветни програми согласно потребите на компаниите. На тој начин, профилите кои ќе се отворат за запишување ќе бидат целосно усогласени со потребите на компаниите, изјави Царовска, додавајќи дека со стипендирањето на средното стручно образование, кое почна оваа учебна година, учениците дополнително се мотивираат да се запишат во стручните училишта.

Според Билјана Пеева-Ѓуриќ, извршен директор на Стопанската комора на Македонија. недостигот на квалификуван стручен кадар на компаниите е сериозно прашање. Соопшти дека Комората со нејзините членки досега има изработено 85 образовни програми, стандарди на занимања.

-Речиси и да не постојат профили кои не се бараат на пазарот на труд. Околу 62 отсто од компаниите се засегнати со обезбедување на потребниот кадар. Компаниите мора да ги отворат вратите за учениците, за тие да можат таму да спроведуваат квалитетна практична работа, да ги научат работните процеси, за да може по завршување на образованието побрзо и поефикасно да се вклучат на работа, рече Пеева-Ѓуриќ, додавајќи дека тоа е плус и за компаниите зашто ќе имаат веќе подготвен кадар што може да го преземат.

Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ се спроведува со поддршка на Амбасадата на Швајцарија. Амбасадорката Сибил Зутер Техада истакна дека приватниот сектор игра важна улога во овој процес, зашто токму тој ја презема одговорноста да дефинира кои се вештините кои ги бара од своите идни вработени – сегашните средношколци. Затоа важни се, рече таа, ваквите настани на дијалог со приватниот сектор.