Македонија
24. May 2021 - 10:57

Заев: Верувам дека Бугарија ќе биде силен поддржувач на Македонија

Премиерот Зоран Заев верува дека европскиот дух на претседателите на Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев ќе даде поттик да се направи исчекор во процесот на пронаоѓање решение во спорот со Бугарија, со што ќе се одблокира патот на интеграција на земјава во Европската Унија.

Заев, кој денеска ја предводеше владината делегација на положување цвеќе по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во универзитетскиот кампус „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање во врска со заедничкото патување на Пендаровски и Радев за Рим каде ќе им оддадат почит на Светите браќа, изрази надеж дека ќе се направи некаков исчекор во однос на спорот, кој како што рече ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан.

-Верувам дека и европскиот дух на претседателите Радев и Пендаровски ќе биде поттик да направиме исчекор да продолжиме понатаму и секако низ патната карта да успееме да го забрзаме и ефектираме она она што претставува спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, истакна Заев.

Потсети дека земјава повеќе од 16 години е кандидат за членство, од 2001 година е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација, веднаш по Словенија, а пред Хрватска, кои денес се веќе членки на Унијата.

-Навистина ниту еден аспирант за ЕУ, кој сакал да го продолжи патот не чекал толку, колку што чека Македонија. Верувам дека Бугарија ќе биде силен поддржувач на Македонија и на патот на ЕУ интеграциите на целиот Западен Балкан, додаде Заев.

Во врска со денешниот празник нагласи дека 24 Мај го славиме, бидејќи претставува едно од најважните наследства, кое ни е оставено да го негуваме, да го унапредуваме и да им го пренесуваме на следните генерации.

-Пред 12 века Светите Кирил и Методиј ја донеле азбуката, трајното наследство на целиот европски континент, кое останува врежано во меморијата и севкупното богаство на словенските народи. Драго ми е што денес живее македонскиот јазик со македонската азбука, заедно со сите словенски јазици и азбуки како дел од европското наследство, со надеж дека нашиот македонскиот јазик ќе стане еден од официјалните службени јазици на Европската унија, истакна Заев.