Македонија
30. October 2018 - 19:56

Заев: Уставни измени само согласно преспанскиот договор - нема да дозволиме отворање на ,,пандорината кутија‘‘

Премиерот Заев не ја исклучува можноста Охридскиот рамковен договор да биде вклучен во преамбулата на Уставот. Вели изјавата на вицепремиерот Османи ја видел преку медиумите, а за ова прашање ќе се разговара на потпретседателско ниво и во координација со пратениците кои го поддржаa почетокот на уставните измени.

 Охридскиот рамковен договор е составен дел од Уставот на РМ. Тој веќе е вграден по потпишувањето на Рамковниот договор. Сакам да упатам порака дека инклузивноста на процесот е важна, но притоа не смееме со своите амбиции да го застанеме целиот процес и го минимизираме времето неопходно за донесување на сите неопходни чекори  што се проектирани некаде за средината или втората половина на јануари.  Ќе разговараме за сите детали. Пратениците вкупно 80 кои дадоа глас за да се отворат уставните промени се важни. Секако со нив ќе разговараме и доколку е тоа прифатливо за сите ќе ги продолжиме процесите вклучително и за ваквите изјави кои ги слушнав од медиумите, рече Заев.

Барањата на албанската опозиција преку амандмани да се официјалнизира албанскиот јазик на цела териротија, а Македонија да се дефинира како граѓанска држава, Заев вели во моментов се премногу амбициозни. Поединечните амбиции не треба да го закочат отпочнатиот процес во Собранието.

Јас ги разбирам потребите на луѓето да отворат дебата, да дадат предлози посебно креативноста на опозицијата  и слично, но на крајот знам дека никој нема право и нема да направи каква било условеност на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Веројатно нема да дозволиме ширење на Пандорината кутија. Тоа го знаат сите, а ред е и јас да го потврдам, рече Заев.

Втората половина на јануари е рокот во кој премиерот Заев очекува да заврши целиот процес за промена на Уставот. Наместо блокирање на собраниската расправа со амандмани, Заев очекува опозициската ВМРО-ДПМНЕ да го препознае моментот и да се вклучи во дебатата и во поддршката на уставните измени за што поскоро имплементирање на договорот од Преспа.