Македонија
12. September 2019 - 16:14

Заев: Успесите во реформите и решавањето на отворените прашања со соседите, ни даваат кредибилитет да бидеме успешни и во пристапниот процес

Премиерот Зоран Заев денеска во рамките на еднодневната посета во Прага, Република Чешка, учествуваше на „Самитот на премиерите на државите од Вишеградската Група и на премиерите на државите партнери од Западен Балкан“, оценувајќи го како вистинска заложба за поблиска и искрена соработка помеѓу државите на Вишеградската Група и државите на Западен Балкан.

-Земјите на Вишеградската Група отсекогаш биле силен и гласен поддржувач на државите на регионот на Западен Балкан во нивните процеси и заложби за интеграцијата во ЕУ, и подготвени да ги споделат своите искуства од евроинтеграциските процеси, но и да ја зголемат економската соработка со нашата земја и нашиот регион, истакна премиерот Заев на Самитот.

Заев, нагласи дека земјата направи значителен напредок и сега се наоѓа во клучен период за иднината на државата.

-Очекувам нашето членство во НАТО да стане ефективно наскоро, после десет позитивни препораки за Европската комисија, оптимистичките заклучоци на Советот (во 2018 и 2019 година) и резултатите што ги создадовме – се повеќе сум убеден дека сме подготвени да го започнеме ова патување и да се соочиме со сите предизвици што ги носи процесот. Успесите што ги остваривме во домашните реформи и во затворањето на отворените билатерални прашања, ни даваат кредибилитет да тврдиме дека ќе бидеме успешни и во пристапниот процес, рече премиерот.

Тој додаде дека поблиската соработка со земјите-членки на ЕУ ќе придонесе за справувањето со предизвиците во политичката агенда на ЕУ, како што се климатските промени, енергетиката, животната средина, како и надворешните влијанија, безбедноста и миграцијата.

Во обраќањето на „Самитот на премиерите на државите од Вишеградската Група и на премиерите на државите партнери од Западен Балкан“ во Прага, премиерот Заев изрази благодарност и ја оцени како исклучително охрабрувачка Декларацијата за Западен Балкан со која лидерите на земјите од Вишеградската група ја потврдуваат нивната недвосмислена поддршка за пристапувањето на државите од Западниот Балкан во Европската Унија и увереноста дека обединувањето на Европа нема да биде целосно без пристапувањето на Западниот Балкан во Европската Унија.