Македонија
24. April 2019 - 16:22

Заев тврди дека владата не се меша во работата на ИВЗ, случувањата ќе имаат политички последици

Премиерот отфрла било каква вмешаност за последните случувања во ИВЗ. Заев порача исламските верници сами да одлучат кој ќе биде лидер на  заедницата. По обвинувањата од Сулејман Реџепи дека Владата е виновна за превирањата во ИВЗ, Заев рече дека ја прочитал и судската пресуда но не сака да ја коментира за да не предизвика други политички последици.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ најостро ги осудува вчерашните инциденти во ИВЗ. Сметаат дека се скандалозни и недозволиви за секуларна држава.  Генералниот секретар на партијата вели дека Владата на секаков начин сака да го прикрие срамот и негативниот резултат од изборите. 

Она што го видовме е директно мешање на државата во верските заедници што за Република Македонија како секуларна држава е тотално неприфатливо. Да се потсетиме само во минатото дека потпретседателот на Заев, потпретседателот на СДСМ даваше квалификации за челникот, односно поглаварот на ИЗВ каде што го нарекуваше резил, зло, заштитена мечка и слично. Ваквото мешање најостро го осудувам се уште еднаш и очекуваме надлежните институции кои всушност дојдоа по нарачка и го остварија она што го гледавме вчера дека ќе се повлечат и дека ќе ги преземат сите мерки за расчистување на овој случај.

Вицепремиерот Бујар Османи упадот го оцени како срамен чин врз автономијата која уставно им е загарантирана на верските заедници. 

Според верските аналитичари пак неизбежно е да се доведат во политички контекст случувањата во ИВЗ. Заканите на поглаварот дека ќе повика на бојкот на изборите, слабиот одзив на гласачи во албанските средини уште повеќе  ги подгрева шпекулациите вели Бранко Ѓорѓевски. Тој смета дека сето ова лошо ќе влијае врз верниците но и врз политичката сцена.

За голем дел од превирањата вели виновен е и поглаварот кој според Ѓорѓевски со многу постапки во минатото предизвикал револт во јавноста. Клучно според него е да се утврди дали на 30 март се одржала седница на риасетот. Ѓорѓевски СМЕТА  дека судот морал дополнително да се заинтересира за состојбите. Според него потребни се кадровски промени во ИВЗ поради несоодветното однесување на поглаварот но порача дека тоа е работа на заедницата која треба да постапи согласно процедурата за избор.