Македонија
22. February 2021 - 16:48

Заев сведок за случајот „Титаник“

Со Груевски зборувавме за изборните нерегуларности и прислушкувањето - вака сведочеше премиерот Заев на денешното рочиште за случајот „Титаник“. За случувањата пред 7 години Заев рече дека Груевски му понудил заедно да го координираат изборниот ден. Заев пак од него побарал да не го прислушкуваат. Но ниту се случило првото, ниту второто.

Заев рече и дека знаел се за изборните нерегуларности. Според него, биле злоупотребени центрите за социјална помош, на тој начин што вработените им се заканувале на примателите на социјална помош дека ќе им го скратат паричниот надоместок доколку не гласаат за тогашната партија на власт.

Со закани дека ќе им ги укинат договорите за сеча доколку не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, постапувала и шумската полиција кон оние граѓани кои имале вакви договори.

Судењето продолжува следниот понеделник со исказ на сведоци.

Случајот „Титаник“ беше првиот кој го обелодени поранешното СЈО. На обвинителна клупа седат поранешните функционери Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Мартин Протуѓер а на поранешниот премиер Груевски му се суди во отсуство.