Македонија
3. January 2021 - 13:48

Заев: Со поглед кон ЕУ, како Македонци имаме што да кажеме на нашиот македонски јазик

 

Создавање дијалог, а не конфликт со Бугарија, интензивирање на комуникацијата по празниците со цел пронаоѓање решение, кое ќе биде во духот на европските вредности, но и зацврстување на ставот дека нашето членство во ЕУ нема друга алтернатива се дел од пораките, кои премиерот Зоран Заев ги упати во интервјуто за МИА.

Со Заев говоревме за повеќе теми, а тој на граѓаните во Новата 2021 година им порача со поглед кон ЕУ во Новата да ја пренесеме определбата дека замена за ЕУ нема и да продолжиме да чекориме напред, затоа што како Македонци имаме што да кажеме на нашиот македонски јазик, рамноправни со останатите европски народи.

Заев напомена дека оваа 2021 година е година на надеж дека ќе се извојува победа врз пандемијата, но и година кога славиме 30 години од независноста на државата и сто години од раѓањето на Блаже Конески и тоа сега како 30 членка на НАТО.

Во интервјуто за МИА Заев нагласува дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања, а преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Додава дека напредокот во евроинтеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди.

-Токму затоа сметаме дека во преговорите или во рамката не треба да се внесуваат билатерални прашања, што е став кој го делат сите земји членки на ЕУ. Ние имаме јасна определба, даваме шанса на процесот и работиме на тоа да дојдеме до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно нашите стратешки евроинтеграциски цели, истакна меѓудругото премиерот.

Вели има редовна комуникација со бугарскиот премиер Бојко Борисов и секогаш кога има потреба се на линија, а Нова Година си честитале и со него и со сите премиери од соседните земји, со желби за просперитет на нашите народи и на заедничкиот Балкан.

Заев говори за содржината на Акцискиот план на кој се работи, во насока на надминување на спорот, но и за можност за усогласување на ставовите на власта и опозицијата за прашања кои се од највисок државен интерес. Вели со ВМРО-ДПМНЕ имаат спротивставени ставови и додава дека тврдењето на Мицкоски дека е потребен нов Договор со соседна Бугарија е сосема спротивен на нашите државни позиции и на директна штета на државните интереси. Премиерот нагласува дека со Бугарија имаме добар Договор, нов не е потребен, ниту анекс, туку доследно почитување на договореното.

За пристигнувањето на вакцините во против Ковид-19 во земјава, за средствата во ковид програмата за оваа година, прогнозите за излез од кризата, но и за содржината на петтиот пакет мерки разговараме со премиерот Заев во интервјуто за МИА. Со доаѓањето на вакцината, вели премиерот има надеж за подобрување на состојбата во првото полугодие, земјата е финансиски ликвидна и солвента, буџетот стабилен и во моментот се работи на создавање услови за рестар на економијата напролет.

За пописот, рејтингот на политичките партии, но и можност за одржување на предвремени парламентарни избори разговаравме со Заев, кој категорично кажа дека предвремени избори нема да има, бидејќи таквата постапка, како што рече, би била изневерување на сите што дале поддршка за европската агенда на земјата. Вели Владата е стабилна и поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот.

Премиерот се осврна и на донесениот закон за гасоводот, со кој по долгогодишно преговарање меѓу државата и „Макпетрол“ тој преминува во 100-процентна државна сопственост, за обвинувањата на опозицијата дека со него се влијае врз медиумите, за плановите за спроведување јавна кампања за вакцинацијата, прочистувањето на правосудството…

Во продолжение следува целото интервју со премиерот Зоран Заев:

Премиере изминатата година ќе ја паметиме како една од најпредизвикувачките, пандемија на Ковид-19, закана по здравјето, економска криза, изменет начин на живот. Најавивте дека вакцината може да ја очекуваме овој месец, по побрзи патишта од оние од Ковакс системот, најавени за март. Колку вакцини би очекувале овој месец, како би ги набавиле, а колку во март?

Министерството за здравство од почетокот на пандемијата, поточно веќе осум месеци е во преговори со Ковакс механизмот, за набавка на вакцини против Ковид-19 на Светската здравствена организација и на Глобалната алијанса за вакцинација и во 2021 година започнуваме со активности за конечно запирање на ширењето на Ковид-19.

Набавката подразбора 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на Ковакс механизмот.

Веќе е потврдено дека првите количини од „Фајзер“ вакцината ќе пристигнат во февруари, а согласно планот за дистрибуција останатите се очекуваат во првите месеци од 2021.

Предвиден е и трет механизам преку Европската Унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони.

Започна процесот на планирање и подготовка на тренингот за вакцинирање согласно спецификите на вакцините за Ковид-19. Сите здравствени работници кои ќе бидат задолжени за аплицирање на вакцината се вклучени во обуката со поддршка на Светската здравствена организација и УНИЦЕФ.

Се подготувуваме и набавуваме фрижидери за секој тип вакцини и за сите температури. Добри вести се и оние кои велат дека вакцини за нашите граѓани ќе пристигаат во исто време кога ќе пристигаат и кај некои од земјите-членки на ЕУ како што се Бугарија, Австрија, Грција, Полска и кои веќе најавија дека дел од нивните вакцини ќе бидат распоредени и за земјите од Западен Балкан.

Темпото за дистрибуција на вакцините против Ковид-19, го утврдува Ковакс системот. Тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација, кој што овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји коишто аплицирале на тој механизам. Сите земји од регионот и Европа аплицираа во тој механизам.

Критикувани сте од опозицијата дека власта не се потрудила доволно за побрза набавка на вакцините, колку тие критики се реални, дали доволно направивте?

Министерството за здравство веднаш откако се укажа можноста за директни преговори со производители на вакцини против Ковид-19, стапи во контакт со произведувачи на вакцини како Фајзер и Астра Зенека. Водиме преговори и со други произведувачи кои се на пазарот. Првите сериозни количини вакцини кои може да направат реална промена на иминуолошки план ќе ги добиеме во исто време со останатите земји од регионот. Масовната вакцинација во Македонија ќе се случува во исто време со земјите од регионот.

Рековте 50 милиони евра се резервирани за ковид програмата за 2021, како ќе се трошат овие средства, дали ќе бидат доволни, не знаеме до кога ке трае пандемијата и економската криза предизвикана од неа и какви мерки предвидувате во петтиот пакет?

Главен таргет на петтиот пакет мерки се најпогодените од економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, а тоа се над 30 проценти компании заради поддршка на работните места и работниците преку плати, коишто се движат од нето до бруто плата, од 14.500 до 21.778 денари. Во тек е и анализа за определување на целните групи на кои им е најпотребна финансиска или друга помош.

Веднаш после празниците следува процес за консултации со синдикатите, со претставниците на другите социјални партнери, стопанските комори и други, за навистина највнимателно да ги таргетираме најпогодените. Смислата е токму тоа.

Државата има проектирано средства за оваа намена во Буџетот за 2021 година. Освен тоа, сите ресори имаат свои резервоари за помагање.

Една милијарда и 150 милиони евра се доделени по сите основи, кои досега ги развивме како пакети и продолжуваме понатаму, секако со надеж дека ќе дојде вакцината и сето ова ќе заврши во првото полугодие. Ние сме тука, финансиски сме ликвидни и солвентни. Граѓаните навремено си ги плаќаат своите давачки, државниот Буџет е стабилен и ги создаваме сите услови напролет да направиме еден убав рестарт на нашата економија.

Минатата година ќе ја паметиме по членството во НАТО, но и по бугарското „не“ за почеток на преговори со ЕУ. Долги години на патот на евроинтегративните процеси се соочувавме со грчкото „не“, тоа го надминавме, но сега се соочуваме со нова рампа. Дали сметате дека спорот ќе го решиме побрзо од тој со Грција или на повидок е нов маратонски процес?

Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди. Токму затоа сметаме дека во преговорите или во рамката не треба да се внесуваат билатерални прашања, што е став кој го делат сите земји членки на ЕУ.

Ние имаме јасна определба, даваме шанса на процесот и работиме на тоа да дојдеме до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно нашите стратешки евроинтеграциски цели. Работиме заедно со нашите европски пријатели, а посебно сме благодарни на ангажманот на Германија за време на нивното претседателсто со ЕУ, како и на канцеларката Меркел за нејзиниот личен ангажман. Вложивме сериозни дипломатски напори да создадеме услови минатото да не биде кочничар на иднината.

Тргнувајќи од претходните искуства, и добро познавајќи ги балканските политички околности, знаеме дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници, затоа бараме „вин-вин“ позиција. Тие мора да се грижат за нас и за нашите интереси, а ние мора да се грижиме за нив и за нивните интереси. Треба да изградиме трајно пријателство. За жал, во овој момент не сме стигнати дотаму со Бугарија, но продолжуваме да разговараме.

Постојано говорите јазикот и идентитетот се црвените линии, но Бугарија смета дека пред ‘44 имаме бугарски корени и сега имаме две гледишта, нашето и нивното, како ќе ја најдете средината. Ние од ова не отстапуваме, но и тие од нивното не отстапуваат и заедничката историја за нив е бугарска пред ‘44. Гледате ли излез?

Нашиот македонски идентитет и македонски јазик никогаш не биле на маса на преговори и разговори и никогаш нема да бидат. Никогаш. Затоа што тоа е наше право, самоопределување, наша европска вредност и право зад кое што стоиме и очекувам од бугарската страна да направи чисто признавање на македонскиот народ и на македонскиот јазик без какви било задршки, уцени и резерви затоа што пријателите токму тоа го прават. Може ли некој да се дефинира себеси како повеќе или помалку Македонец? Не, тоа не е можно, оттука ирационално е какво било преговарање околу нашите идентитетски обележја кои се директно поврзани со нашите чувства и права на самоопределување.

Затоа, во вакви моменти, на предизвик, треба да покажеме европски вредности. Дијалог, наместо конфликт.  Смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации. Заеднички успех, наместо споделен неуспех.  И ние и бугарската страна имаме обврска за македонските и за бугарските граѓани да испорачаме европска иднина, но со почитување на европските вредности.

Сметаме дека единствената исправна европска реакција е да се засилат барањата за да се почитуваат европските вредности, наместо да се притиска врз аспирантите да се откажуваат од европските вредности. Ние немаме намера да се откажуваме од европските вредности.

Европската Унија има обврска да покаже на дело дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Да внесе оптимизам дека европските вредности и принципи се уште се реалност.  Сметаме дека би била голема грешка доколку ЕУ го жртвува проширувањето и Берлинскиот процес заради внатрешната политичка ситиација во Бугарија.

Најавивте интензивирање на преговорите по празниците, имавте ли контакт со деновиве со Борисов, барем да си честитате Нова година?

Комуникациите останаа и нема зошто да бидат прекинати. Имам редовна комуникација со премиерот Борисов и му се заблагодарив за одлуката на нивната влада да резервираат дел од нивните вакцини за граѓаните на нашата земја. Секогаш кога има потреба, ние сме на линија. Нема да ги рушиме мостовите што ги изградивме. Оваа Влада и Македонија светот ги препознава како градители на добри односи, на отворени односи, на пријателски врски и нема да отстапиме од тоа.

Што се однесува до директната комуникација, Нова Година си честитавме со сите премиери од соседните земји, со желби за просперитет на нашите народи и на заедничкиот Балкан.

Што точно содржи акцискиот план што го најавите, нашиот предлог изработен под раководство на Османи и имате ли очекувања што од бугарска страна би се додало во него?

Комуникацијата со официјална Софија продолжува во насока на изнаоѓање решение, имаме волја да продолжиме понатаму, да не изгубиме ниту еден ден. Ниту билатералните прашања не треба да бидат пречка за европските процеси, па ниту изборите во Бугарија не треба да бидат пречка за решавање на билатералните разлики.

Акцискиот план адресира загриженостите што Бугарија ги изнесува во јавност. За начинот и динамиката на спроведување на договорот од 2017. Како да се забрза изградбата на Коридор 8. Се разговара за тоа како да запре говорот на омраза, на кој начин да се забрза работата на историската комисија. Сѐ во насока на воспоставување доверба во процесот.

Очекувам веднаш после новогодишните празници нашиот специјален претставник Бучковски, министерот за надворешни работи Османи, соодветно со министерката Захариева да ја продолжат комуникацијата за изнаоѓање решение.

Мицкоски бара од вас да ги напуштите преговорите вели тој би ги напуштил. Зарем власта и опозицијата кај нас не може еднаш да се усогласат за прашање кое е суштинско значење и највисок државен интерес, единството во Бугарија е каде каде поголемо?

Од јавните настапи на Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ сосема е јасно дека со нив имаме сосема спротивставени ставови за одговорите на прашањата, кои, како што и самите велите, се од суштинско значење и највисок државен интерес. Сетете се, тој велеше дека ќе го поништува и Договорот со Грција, па после се премисли, ќе го преговарал од ново, немало да го поништува, за во една прилика да каже дека Договорот бил реалност. Исто и за Договорот со Бугарија, во една прилика го „поткрепи”, а еве сега слушаме зборува за некакво поништување. Така од прилика звучат политичари кои немаат став и кои со своето неодговорно однесување им носат опасност на својата земја и својот народ.

Тврдењето на Мицкоски дека е потребен нов Договор со соседна Бугарија е сосема спротивен на нашите државни позиции и на директна штета на државните интереси. Имаме добар Договор со Република Бугарија и не е потребен нов договор, не е потребен анекс, туку доследно почитување на договореното. Разговараме со бугарската страна за дополнителни објаснувања во форма на декларација и акциски план со временски рамки за исполнување на одделни делови од договорот.

Ставот на Мицкоски, во време кога се прават исклучителни напори од нас и нашите партнери во ЕУ за да се најде взаемно прифатливо решение што ќе овозможи започнување на преговори со ЕУ, Мицкоски, всушност вели дека не треба да има решение и сака да го врати времето назад.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, наместо конструктивен придонес, во врска со овие прашања само шират лаги. Хистерично тврдеа дека јас, како претседател на Владата ќе сум одел во Софија за време на еден од викендите во декември за да сум ја распарчувал земјата. Ниту бев тогаш во Софија, ниту некогаш би отишол со таа цел, ниту Македонија е распарчена. Распарчени и разобличени се нивните лаги. За македонскиот идентитет не се разговара и не се преговара. Ние сме Македонци, говориме македонски јазик. Како Македонци влеговме во НАТО, како Македонци ќе влеземе во ЕУ! Македонската иднина е европска.

Горат од желба Македонија да не успее, ама тоа задоволство нема да го доживеат. Посветени сме да најдеме взаемно прифатливо решение преку дијалог со Софија или да разјасниме одредени дилеми ако има потреба за тоа. Посветени сме на развојот на  добрососедските односи, како европски држави, за заедничка иднина во ЕУ.

Сепак изборите во Бугарија, за многумина не се клучни, туку континуитет на негаторските политики на Бугарија спрема Македонија, Германија не успеа, ќе ја чекаме ли Франција по две години како повлијателна?

По чистата мартовска одлука за старт на преговорите со ЕУ, која беше поддржана од сите земји членки, вклучително и од Бугарија, по европскиот извештај во март ние сме толку неспорно за Европа. Секое одлагање на нашиот старт на преговорите само го доведува кредибилитетот на Унијата во прашање.

Точно е дека со неодобрувањето на преговарачката рамка Македонија ќе изгуби драгоцено време. Но, најголем губитник е Европската Унија. Ова е удар врз темелите на кои е изградена Унијата.

Ние ќе бидеме максимално активни по ова прашање. Ќе се бориме затоа што нашите деца очекуваат да победиме во битките на 21 век, да бидат во ЕУ и да бидат сигурни и стабилни како што се сега во НАТО. Нема да дозволиме со некои кулоари и крчми повторно да ни ја крчмат татковината. Не, денеска таа е заштитена од НАТО и конечно оваа држава има имотен лист. Таа битка ја водам затоа што тоа е наша, заедничка битка за која се едногласни сите граѓани на нашата земја, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и сите останати.

Го промовиравте Акција 21, продолжување на реформите, често пати и Вие и другите министри во Владата велите Европа да ја донесеме дома, но како можеме да се европеизираме без ЕУ, колку долго можеме да издржиме во таа европеизација без конкретна перспектива?

Не е точно дека нема конкретна перспектива. Напротив, нашата перспектива е многу конкретна, а тоа е нашето полноправно членство во ЕУ. Како што станавме полноправна членка на НАТО како Македонци што зборуваат македонски  јазик, како такви ќе бидеме и членка на ЕУ.

Процесот не е прекинат. Ќе ја совладаме и оваа пречка на тој пат, а пречките не се совладуваат стоејќи во место. Европските стандарди не се некаков подарок од ЕУ. Тие треба да се одработат, да се стекнат, да се создадат. Дали ќе ги имаме дома зависи само од нас самите, а на тој пат секако дека е подобро и полесно доколку имаме целосна поддршка од ЕУ.

Никој не вели дека ако не беше ветото на Бугарија и ако беше прифатена преговарачката рамка, земјата веднаш ќе се европеизираше во целост, преку ноќ. Со почетокот на преговорите само ќе се засилеше тој процес во една јасно утврдена рамка согласно поглавјата и по силен мониторинг и тоа е процес кој ќе трае неколку години.

Јас велам дека дел од тие процеси ни се веќе започнати и дека можеме веднаш да ги засилиме. Ние веќе сме со брзи чекори во внесувањето стандарди во владеење на правото, во борбата против корупцијата, во заштитата на животната средина, во подобрувањето на јавното здравство.

Кој не спречува во тоа? Никој. Ние и во изминатите три години направиме многу на полето на реформите, а преговорите не беа почнати. Затоа си дадовме задача и обврска пред граѓаните со „Акција 21“. Таму се јасно утврдени темите на кои во 2021 година ќе направиме сѐ што треба за да ја направиме татковината поубаво место за живеење, преку 10 приоритети со кои носиме европски стандарди дома.

Во правосудството и неговото прочистување за силна и  ефикасна правна држава која испорачува правда. Вториот приоритет е бескомпромисна и неселективна борба против корупција. Следува засилен ангажман во акцијата за чиста и здрава животна средина по европски стандарди.

Меѓу десетте приоритети од „Акција 21“ се и спроведувањето попис според стандардите на ЕУРОСТАТ, вложувања во енергетиката и инфраструктурата, борбата против лажните вести, како и искористувањето на новите економски потенцијали.

Пред нас е година во која треба ќе се случат важни и позитивни промени, година на излез од коронакризата, година на гасификација на македонските градови, година на економија и на правда.

Како очекувате реформи во институции, со скратени буџети, рецесија. Ќе има ли отпуштања и кратења на непродуктивниот дел на администрацијата? Менување на влади, министри е едно, но суштината е системот кој е целосно нефункционален, институциите се заробени од партиски војници и неработници. Го потпишавте Договорот за добрососедство, со Преспанскиот го сменивте името, ама ќе имате ли храброст за елиминирање на рамковни и партиски вработувања?

Буџетот за 2021 е изгласан и во него има средства за сите предвидени реформски и економски процеси. И сега треба да се одработи, многу да се работи, секој од нас да даде максимум, а тоа важи и за секој од државните службеници. И ете го реперот – кој е спремен да одработи и да биде сервис на граѓаните од кои е платен, не треба да се грижи за ништо. Се разбира, дел од администрацијата природно ќе гравитира кон бизнис секторот, а дел ќе се пензионира согласно законските рамки. Во секој случај, владината политика е јасна – администрацијата ќе се намалува и ќе станува се поуслужна кон граѓаните.

Во структурата на јавната администрација сѐ уште се чувствуваат последиците од масовната партизација на институциите што се правеше 11 години до 2017 година и од спроведување на операцијата „заробена држава“.

Освен тоа, Владата што ја предводам во овој и во претходниот мандат, рече и се држи до тоа, дека нема да има отпуштања заради реваншизам. Напротив, влеговме во процес на длабока реформа на јавната администрација.

Отворивме процес за создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права. Со примена на принципите на праведност и стручност при вработувањето и објективност при унапредувањето и наградувањето на вработените во јавната администрација, Владата на Република Македонија создава администрација која ќе се ослободи од партиските спреги и ќе се посвети на решавање на проблемите на граѓаните и деловните субјекти, почитувајќи ги начелата на законитост и непристрасност при вршењето на должноста.

Реформата на јавната администрација е стратешка цел на Владата, а е и наша обврска и кон Европската Унија, но пред сѐ кон нашите граѓани. Планот е до крај на март 2021 година, во координација на сите министерства да се усогласат сите предлози и забелешки на предлог измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, за да може до јули да се усвои Законот во Собрание.

Пописот го најавивте во април, законот уште не е донесен, опозицијата бара отпечаток од прст, всушност бара одлагање. Зошто оваа статистичка операција секаде во свет, во Македонија е политичка пресметка?

Пописот не е и нема да биде политичка операција, како што сака ВМРО-ДПМНЕ.

Со решенијата во предлог Законот за попис, пописот ќе се реализира исклучиво како статистичка операција согласно најдобрите европски стандарди и практики за никогаш повеќе да не се третира како политичко прашање.

Од друга страна, токму ВМРО-ДПМНЕ, со барањата и амандманите на законот сака да го направи пописот политички инструмент. На пример, едно од барањата на опозицијата повторно да се вратиме на Државна пописна комисија со членови од политички партии, во ист формат како комисијата од 2011 година која беше главна причина зошто имавме неуспешен попис.

Меѓу 20-тина барање на ВМРО-ДПМНЕ за предлог Законот за попис беше и попишувачите да оставаат копија од анкетното ливче на секој што ќе се попише. Тоа е законски невозможно, бидејќи можни се злоупотреби и ваква пракса никаде не постои, а уште повеќе што овој пат целиот процес се ќе се одвива преку електронски пат.

Попис напролет ќе има. Нашата држава е единствена во регионот и пошироко, која нема организирано попис 18 години. Пописот ни е потребен за добивање релевантни и точни статистички податоци за нашето население. Тие податоци им се неопходни на граѓаните, институциите, бизнисот и науката, неопходни се за развојот и растот на економијата и воопшто за проекции, планови и развој на кое било поле.

Ве загрижуваат ли резултатите од анкетите, во последната на МЦМС, ВМРО-ДПМНЕ ви се приближува, на што според вас се должат ваквите трендови?

Полето за политички натпревар на идеи и концепти е отворено. Граѓаните во неколку различни изборни циклуси покажаа по кој пат треба да оди земјата. Во моментов не постои друга политичка опција која движи по истиот пат по кој движиме и ние и граѓаните, а тоа да е опција со сериозен коалиционен и победнички капацитет. СДСМ на последните парламентарни избори имаше чиста победа со која оформи парламентарно мнозинство, за кое сум убеден дека ќе се зголемува во периодот пред нас. Во Штип на локалните избори нашиот кандидат го зголеми бројот на освоени гласови во споредба со парламентарните, без разлика на бојкотот на ДПМНЕ. Најрелевантна анкета е таа што се спроведува на изборите. Во последните три години на три избори победува политичката понуда на СДСМ и на коалицијата.

ВМРО-ДПМНЕ подолго време ве плаши со најави за зголемување на мнозинството во Парламентот, од СДСМ со ист вокабулар дека е готово – има зголемено мнозинство. И секако ниту една власт не сака кратење на освоен мандат, ама опозицијата по бугарското вето се куражи за предвремени избори, има ли таква опција?

Нема предвремени избори и нема да има неосновано изнудување на оставка на Владата. Нема ниту потреба, ниту логика за оставки. Таквата постапка би била изневерување на сите што дадоа поддршка за европската агенда на земјата. Владата е стабилна, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот.

Почнат е процес на европеизација на земјава и спроведување на реформска агенда до конечно членство во ЕУ. Тоа е стратешка цел на оваа Влада одобрена од мнозинството граѓани на последните избори. Довербата на мнозинството граѓани кои ја дадоа на политиките на оваа влада беше заради одлучната намера да ги решава сите прашања, вклучително и ова тешкото со Бугарија.

Мицкоски нека си погледне во сопствениот двор на белиот дворец, нека размисли и гласно нека си одговори себеси, кој е тој што вообичаено и логично треба да поднесе оставка после толку изборни порази.

По долгогодишно преговарање меѓу државата и компанијата „Макпетрол“ и повеќе судски спорови за сопственоста на гасоводот изгласан е законот со кој гасоводот преминува во 100-процентна сопственост на државата. Имаше остро спротивставување на опозицијата, велат Законот е неуставен, ќе бараат од Пендаровски да не го потпише, но и ве обвинија за индиректено купување медиуми?

Со овој закон решивме долгогодишен спор, наследен проблем, настанат во друго време, се’ со цел да не се развие гасоводниот систем и да бидеме „заробеници” само на една гасна врска и монопол.

Со Законот се уредува решавањето на спорот, се решија несогласувањата помеѓу страните на тој спор и тој води кон целосно окончување на постапките кои произлегле од ова прашање и дава можност за надминување на несогласувањата и завршување на сите започнати постапки. Во спротивно по судови ќе се влечкаше работата, а ќе се кочеше гасификацијата.

За граѓаните, за државата е од особено значење да се задржи сопственоста врз преносниот систем со природен гас и токму поради тоа во член 110 од Законот за енергетика е пропишано дека сопственик на операторот на пренос со природен гас е Министерство за економија.

Со овој закон се исполнуваат и ЕУ директивите. Затоа Македонија според Енергетската заедница е прогласена за лидер во реформите во енергетиката. Поради ваков начин на решавање одиме напред и тоа е во интерес на сите граѓани.

Во времето на Груевски и Мицкоски струјата поскапе за 100%, а загадувањето на воздухот ги достигна највисоките вредности, а во последниве три години ја вративме евтината тарифа на струјата, цената се стабилизираше, започна гасификацијата низ целата држава, се поставуваат фотоволтаици, ветерници, сите институции се префрлаат на еколошки системи за загреавање. Старата недомаќинска енергетска политика на Мицкоски и неговиот ментор Груевски ја заменивме со нова, модерна, одржлива и еколошка македонска енергетика.

Постојано ја потенцирате потребата од слободата на медиумите, немешање во уредувачката политика, но најавивте кампања за подигнување на свеста за потребата од вакцинирање против Ковид-19. Пандемија е, тоа е од јавен интерес, но што доколку понатаму стане пракса да се протнува нешто што е од јавен интерес, кој ќе го дефинира јавниот интерес и здравата исхрана беше јавен интерес во времето на Груевски, како ќе ја поставите границата?

Иницираме дебата на оваа тема затоа што се покажа дека некои процеси од реформите не можат да се спроведат без сеопфатна и интензивна комуникација со јавноста.

На пример, сега е актуелна Ковид-19 кризата и мерките за заштита. Следува масовната вакцинација и тоа е операција од врвен приоритет и јавен интерес. Тоа никој не може да го порекне. Затоа таа операција треба да биде проследена со соодветна јавна кампања во рамките на она што го предвидуваат политиките на Владата и законските рамки и јас очекувам голема поддршка од секој граѓанин, од секоја заедница и институција, и особено од медиумите за да дојде до израз солидарноста и грижата за остварување на јавниот интерес.

Отвораме дебата за утврдување на правилата за медиумски кампањи од јавен интерес со максимална инклузивност на сите засегнати: медиумите, медиумските и новинарските здруженија, граѓанските организации, надлежните институции, со сите. Масовна консултација до конечно најдобри и прифатливо за сите решение за организација и за спроведување кампањи од јавен интерес преку медиумите и другите комуникациски канали. При тоа тргнуваме од неколку важни насоки од кој најважната е дека останува забраната за владино рекламирање. Тоа не се менува. Само разговараме за тоа да се воведе можност на кампањи од јавен интерес.

Ќе поттикнеме дебата за силни контролни механизми за процесот на дефинирање на јавна кампања и за нејзиното креирање и аплицирање во медиумите со максимална вклученост на стручната јавност и граѓанскиот сектор при констатирање на јавниот интерес кон кој придонесува предвидената кампања.

Тие контролни механизми треба секако да го оневозможат  влијание на рекламирањето кон уредувачка политика. Тоа треба апсолутно да остане недопрена сфера. Ќе се залагаме за стриктна забрана за дискрециона поделба на средствата за медиумско претставување и за транспарентен начин, по објективни критериуми, според однапред дефиниран клуч за распределба на средства за медиуми, после чие дефинирање Владата не може да има влијание.

Еве тоа го ставаме на масата за дебата и за да се реализира оваа иницијатива ќе настојуваме да се обезбедеи широк консензус и поддршка.

Оваа година ја најавивте како година на прочистување на правосудниот систем, имаме методологија, но дали има волја и средства тоа да се направи. Албанија процесот го почна во 2016, но во еден момент земјата се соочи со ситуација да нема кадри, тие се судиите, тие се обвинители. Какви се вашите очекувања од овој процес?

Моделот за прочистување на правосудниот систем е донесен и усвоен од оние кои го креираа – Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност. Тие ќе бидат и што ќе го спроведуваат.

За Владата и за Министерството за правда ова е од исклучително значење затоа што сега имаме алатка за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Ние не сакаме на кој било начин да правиме притисок врз судството и обвинителсвото, но должни сме да се грижиме и будно да го следиме процесот со кој ќе добиеме реформиран, транспарентен, ефикасен и од какви било притисоци ослободен правосуден систем. Тоа им го должиме на граѓаните.

Ќе се ревидираат цели досиеја. Секој судија ќе биде оценет. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители, и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност.

Паралелно на овој процес, на почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ.

Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани за високата корупција, и со тоа ги носиме најдобрите европски стандарди и практики дома.

Точно е, судиите се тие, но јас сум сигурен дека во поинакви околности, со јасно утврдени правила и стандарди и со неприкосновена дисциплина која ја наметнува системот, истите тие судии и обвинители можат и подобро и поинаку. Се разбира, некои од нив треба да си продолжат да си ја работат својата работа како и до сега и со тоа да покажат пример на независност, чесност и професионалност.

Кога сме кај правдата, предметите на СЈО и натаму се во најава и имаме уште една од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој најави дека поранешниот премиер Никола Груевски ќе биде вратен во земјава и дека ќе си ја одлежи казната. Дали имате сознанија како Груевски, кој има политички азил во земја-членка на ЕУ, би бил вратен во земјава?

Предметите на СЈО не се во најава, туку сега, после изгласаниот Закон за јавно обвинителство и после одлуката на Уставниот суд предметите подигнати и водени од СЈО добиваат институционална и законска рамка за правна разрешница, низ ефикасни, транспарентни и законски судски рочишта. Токму повлекувањето на аболицијата и нејзината уставност, беше сламката на спас на обвинети, но и осудени лица од предмети на СЈО.

Со носењето на Законот за Јавно обвинителство, за кој ВМРО-ДПМНЕ правеше се за да не се донесе, предметите на СЈО сега се во надлежност на Јавното обвинителство на Република Македонија.

Време е за ред, правда и дисциплина на сите нивоа. Време е надлежните институции, судовите, обвинителствата да се водат по законите и да испорачаат правда за сите отворени предмети, особено за оние кои се однесуваат на висока корупција и политички криминал.

Правдата ќе го стигне и бегалецот од правдата Груевски.

Република Македонија е правна држава во која законите важат за сите подеднакво. Одговорност мора да има и ќе има, за секоj што ги прекршил законите без разлика на неговата сегашна или мината функција, без разлика на неговата партиска припадност.

Што ќе им порачате на граѓаните за Новата 2021?

На сите наши граѓани им посакувам Новата 2021 година да им донесе надеж и извесност со поминати новогодишни и божиќни празници во кругот на блиските за чие здравје и безбедност секојдневно се бориме.

Да покажеме одговорност и да ги почитуваме препораките за да влеземе во годината на вакцинацијата и на излез од пандемијата од Ковид-19 и повторно да си го вратиме вообичаениот начин на живот.

Со поглед кон Европската Унија да си ја пренесеме во Новата година и определбата дека нашето членство во ЕУ нема друга алтернатива. Да продлжиме да чекориме напред, затоа што како Македонци имаме што да кажеме на нашиот македонски јазик, рамноправни со останатите европски народи. На тој пат продолжувме да градиме пријателство и меѓусебна доверба со сите наши соседи. На тој пат сме рамо до рамо сите ние, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и со сите кои живеат во Македонија.

Од длабочината на моето срце ви посакувам среќна и успешна Нова 2021 Година. Година во која ќе ги славиме 30 годишнината од нашата независност, една година од членството во НАТО како 30-та земја на најмоќниот политички и воено-безбедносен сојуз на светот и 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески чие одбележување вклучено во календарот на УНЕСКО уште еднаш ќе го потврди и афирмира на глобален план македонскиот јазик и неговата посебност. Да имаме добро здравје и среќни празнични.

Ана Цветковска