Македонија
6. March 2021 - 17:11

Заев со отворена понуда до опозицијата за нов концепт на заедничко владеење

Широка владина коалиција во која ќе влезат сите партии, а премиерското место да го има онаа партија која е победничка, нуди премиерот Зоран Заев до опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ваквиот владин кабинет, според Заев ќе значи деблокада на Собранието, забрзување  на реформите, департизација на администрацијата и судството.

Но, премиерот како, што вели во интервју за „Слободен печат“ не е оптимист дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски е човекот со кој може да се договара вакво нешто.

 „Првпат го кажувам ова, сакам да отворам дебата за заедничка власт и Влада со опозицијата. Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицковски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема, нека го тргнат и Заев, само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот! Второ, да ја департизираме администрацијата, а тоа е можно ако двете страни се внатре. Клиентелизмот во судството и во администрацијата ќе исчезне“ , рече Зоран Заев.

Премиерот вели дека не се работи за техничка влада, туку за нов концепт на влада слично како искуствата во Германија или Швајцарија.

„Кој ќе победи, повеќе е застапен и премиерот е на власт, или обратно. СДСМ ќе победи во 2024 година ние ќе имаме премиер и 9 министерства, опозцијата 4. На тој начин ќе престанат блокадите во Парлементот, се ќе се решава прво тука во Владата...Еве сега го отворам и ова, иако имам мандат до 2024, но и во вакави околкности отворам можност да дебатираме. Кога сакаат тогаш, од утре, после локалните, кога се спремни сите – тогаш, вели Заев.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова е признание на Заев дека нема капацитет. Партијата на Христијан Мицкоски е подготовена да поддржи експертска влада.

„Заев со ова, прво потврди на Македонија и е потребна нова и поинаква Влада. Второ, мислам дека ова  тезата на Заев потврдува дека сегашната Влада и собраниското мнозинство се неефикасни и немаат капацитет да се носат со реални и сериозни проекти во време на криза. И трето, ВМРО-ДПМНЕ уште пред неколку месеци кажа дека на Македонија, посебно пред изборите, многу подобро и дошло да има експертска влада која што ќе има капацитет да има поширока поддршка и да понуди реални проекти за излез од оваа криза која што Заев не е способен да ја менаџира. Така што доколку експертската влада на чело со човек кој што би бил заеднички прифатлив, надпартиска личност што може да ја води државата напред до локалните избори, а потоа да се организаме предвремени избори,  ние сме спремни да разговараме таков концепт“ , вели Антонио Милошоски

Идеја на Заев, не е одбиено, но не е ни широко прифатена и од неговиот партнер во Владата Ахмети, кој смета дека сега е време државата да се сконцентрира на пописот и справување со Ковид пандемијата.