Македонија
22. August 2019 - 21:45

Заев: Секој што се огрешил пред законот треба да одговара, овозможивме услови за независен правосуден систем

Секој што се огрешил од законот треба да одговара. Горди сме дека како извршна власт овозможивме услови независниот правосуден систем да работи и да го врати владеењето на правото. Да покажеме дека Северна Македонија се менува со тоа што никој повеќе не прави влијание и притисок ниту врз обвинители, ниту врз судовите, тие носат самостојни одлуки.

Ова вечерва го изјави премиерот Зоран Заев по завршувањето на седницата на Централниот одбор на СДСМ.

– Веруваме во презумпцијата на невиност и веруваме во исправноста на независност со силата на аргументите да се докажуваат постапките за можен криминал на секој кој евентуално се огрешил пред законот. Вррувам дека тоа се исправни чекори. Вакви случаи се мачнина и тешкотија за сите во општеството, се предизвик истовремено, постојат во многу земји и кај нас. Прашањето е како како извршната власт, но пред се правосудната власт се справува со тоа. Верувам дека Северна Македонија и граѓаните ќе излезат како победници и секој што се огрешил од законот треба да одговара, рече Заев.

Повика без разлика на кој и да се однесува можноста за учество во криминал и корупција, тоа да биде до крај истражено.

Заев, во врска за решение за наследник на Катица Јанева, повика дека за тоа брзо треба да се реагира согласно законите за вршител на должност специјален јавен обвинител, и апелира и до ВМРО-ДПМНЕ и до СДСМ да ги приближат ставовите за законот за Јавно обвинителство.

– Тоа е уште една причина повеќе особено за политичарите час поскоро да го донесеме законот за Јавно обвинителство. Ги охрабрувам сите и во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ, брзо да продолжат со работа, бидејќи деновите се броени, а законот веќе е доставен во Собранието во вторник, а мандатот на СЈО истекува на 15 септември. Имаме капацитет како држава овој закон да го донесеме, дополнителна причина е што СЈО е обезглавено, и е причина повеќе институциите на системот да продолжат да работат, истакна Заев.

На новинарско прашање Заев негираше дека разговарал со Боки 13 за Орце Камчев или Катица Јанева. На прашањето да даде коментар за тоа дека во една од снимките за „Рекет“ Боки 13 вели дека ќе менаџира со него, Заев одговори дека немало такво нешто.

– Нема менаџирање. Никогаш не сум разговарал на таа тема со Бојан Јовановски. Не постоеле разговори со Јовановски на таа тема, рече Заев.

На новинарско прашање дека италијански новинар најавил нови „бомби“ и оти Заев во нив наводно е лично инволвиран за набавки во здравството, премиерот одговори дека доколку постојат докази за незаконско инволвирање веднаш да се објават.

Најави дека утре во Собранието ќе достави предлог за пополнувување на испразнети места.

Најави дека ќе ја предложи Нина Ангеловска, коосновач на Групер за нов министер за финансии, додека Елизабета Наумовска ќе биде номинирана за заменик министер за образование и наука. Актуелниот заменик – министер за економија Кире Наумов ќе ја предводи Банката за развој, а Кире Колемишевски ќе биде новиот заменик – министер за економија.

Премиерот рече и дека Неџат Мехмедовиќ ќе биде заменик – министер за политички систем и односи меѓу заедниците, со што преку учество на таа позиција шанса добива бошњачката заедница.