Македонија
23. September 2020 - 20:00

Заев се надева на средба со Борисов до 10-ти ноември, ЕУ амбасадорот очекува реформи

Реформите во владеењето на правото клучни за напредокот на евроинтегративниот пат. Во очекување на стартот на пристапните преговори со ЕУ, новиот евроамбасадор во Македонија со јасна порака до властите.

Македонија ја гледаме како пример во регионот, но работа се уште има, подвлече амбасадорот во своето прво обраќање.     

“Треба да се реформираат сите области, особено владењето на правото кое е еден од клучните кластери во преговорите според новата методологија. Истовремено ја нагласувам важноста на случувањата во другите сектори: демократијата, човековите права, заштитата на животната средина и економијата”.

На заедничката прес конференција со премиерот Заев, Гир не заборави да ја потенцира и важноста на добрососедските односи. Не ги коментираше последните случувања поврзани со бугарскиот меморандум, но на темата се осврна Заев.

Очекува средба со неговиот бугарски колега и надминување на недоразбирањата до 10-ти ноември, кога на Советот на општи работи треба да биде отворен патот за старт на преговорите со ЕУ.

“Сакам да ја посетам БГ заради тоа што навистина имаме прашања за разговарање, а тоа е токму прашањето за следното историско поглавје – Гоце Делчев како историска личност. Очекуваме во овие денови повратна информација од БГ, за да можеме да седнеме и да поразговараме, како за подготовката за Берлинскиот процес, секако и за овие отворени прашања”.

Историските комисии ќе го бараат решението, но и Заев има мислење за тоа кој бил Делчев.

“Гоце Делчев е македонски револуционер, но исто така е факт дека БГ го смета за бугарски револуционер. Заедно со Борисов се поклонивме пред споменикот на Делчев во Благоевград, заедно се поклонивме во Скопје. Реалноста и фактите се тие”.

Заев е оптимист дека до крајот на годинава Македонија конечно ќе ги почне преговорите со Унијата. Нема да дозволиме причини за нови одлагања уверен е премиерот, а како што рече, оптимизам му влеваат и сигналите од европските партнери дека билатералните прашања не треба да бидат никаква пречка.