Македонија
30. May 2018 - 12:08

Заев: Референдум за името септември или октомври

Името Република Северна Македонија не е договорено, вели премиерот Заев на денешната прес конференција. Тој појасни дека во разговорите со Грција усогласени се само принципите и начелата на договорот. Заев најави дека е можно уште вечерва телефонски да разговара со Ципрас, а потоа најави и средба со државно политичкиот врв.

Заев денеска практично ги потврди информациите кои вчера ги објавија дел од медиумите. Премиерот најави дека евентуалниот договор со Ципрас, македонското Собрание ќе го ратификува со апсолутно мнозинство од 61 пратеник. За да може Македонија да ја добие поканата за членство на НАТО. Заев вели дека на крајот се ќе се решава на референдум

Премиерот вели дека го чека исходот од телефонскиот разговор со Ципрас по што најави нова лидерска средба, а минситерот Димитров уште денеска деталите од разговорите од Брисел ќе му ги пренесе на Претседателот Иванов.

И шефот на државата но и опозицискиот лидер и вчера обвинија дека немаат информации за текот на преговорите

Во меѓувреме и официјална Атина гради клима за евентуално решение за името. Премиерот Ципрас во своето обраќање пред грчката бизнис заедница рече дека се наѕира решение во преговорите кои се тешки, но мора да се водат.

За грчката опозиција евентуалното решение за името мора да биде добро решение бидејќи во спротивно, по промената на Власта Нова Демократија најавува можност повторно да се отворат преговорите. Од опозициската партија ја предупредуваат власта во Атина дека не треба да дозволи членство во НАТО и старт не преговорите со Европската Унија пред целосното решавање на спорот.