Македонија
14. May 2018 - 13:43

Заев расположен за лидерска средба, кога сите ќе бидат во земјата

Стојам на располагање за лидерска средба, рече денеска премиерот Зоран Заев во Росоман, одговарајќи на новинарско прашање ќе има ли лидерска средба на барање на опозицијата. 

Тој нагласи дека уште вчера имало информација дека стојат на располагање, но за лидерска средба сите учесници треба да бидат во земјата, а претседателот Иванов е во Турција, додека министерот за надворешни работи е во Хаг. 

- Денеска, по овој настан, подготвен сум да одржам состанок со шефот на опозицијата, доколку тој заклучи дека треба да го има. Тие побараа лидерска средба, а како ќе одлучат јас им стојам на располагање, да ги информирам пред да одиме на средбата во Софија, а, секако, подготвен сум и по Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија да ја свикам лидерската средба, кога на неа би биле сите присутни. Но повикот е на шефот на опозицијата, а јас стојам на располагање во координација со него, така и да ја организираме средбата, нагласи Заев.

Запрашан дали на 17 мај ќе има средба со Ципрас како датум на конечен одговор тој одговори дека таа средба не е од оние закажаните што ги чекавме. Средбата е на маргините на Самитот на ЕУ, каде ќе бидат присутни сите премиери на ЕУ, а и сите премиери на Западен Балкан како земји кандидати за членство во ЕУ. 

- Јас се уште немам точен термин кога би била средбата, но знам дека грчката страна потврди дека на маргините ќе најдеме време да се видиме. Целта е да направиме еден рекапитулар на тоа што досега е разговарано, да го потврдиме и да знаеме дека сме го завршиле, а истовремено да дадеме и смерници и на министрите, додаде Заев.

Тој нагласи дека времето е кратко и дека се појавуваат информации дека се ќе се реши на 17 мај, но не е така, бидејќи суштински е делот што е останат за разговори.

- Јас верувам дека пред се треба да бидеме креативни и посветени и јас би сакал некаде пред Самитот на Советот на Европа, а потоа и Европскиот совет, тоа е 25, 26, па 28 и 29 јуни, да се носат одлуките за добивање датум за преговори или не. Дотогаш да имаме некое решение, па дури треба да знаеме дека и да има приближување на она што е останато, во Грција и Македонија мора да направиме внатрешен процес на консултации. Затоа што, како што реков, процесот, ако е тоа можно, да биде поддржан од сите, додаде премиерот.