Македонија
29. јуни 2021 - 16:35

Заев, Рама и Вучиќ најавуваат Европски Западен Балкан

Македонија, Албанија и Србија ја зајакнуваат регионалната соработка преку мини Шенген. Поради неуспехот на Европската унија да ги оствари своите ветувања, по денешниот состанок Заев, Рама и Вучиќ најавија Европски Западен Балкан. Тројцата лидери ќе потпишат повеќе договори за заеднички регионален пазар, регионален шенген, зелени коридори.

„Нашата историја и нашата иднина се европски и живееме во регион опкружен со границите на Европската унија. Контекстот во кој се наоѓаме е предизвикувачки и истиот е предизвикан од предолгиот статус кво на Унијата vis-a-vis нашиот процес на интеграција во ЕУ. Сепак ние остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка. Во овој дух, ние ќе ја искажеме нашата целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули. Решивме денес да побараме од Европската унија и од Соединетите Американски Држави, да преземат чекор заедно со нас и со нашите колеги од целиот регион.  Западен Балкан е Европа. Ние ќе ја завршиме тешката работа за да го направиме ова дел од секојдневниот живот,“ се вели во заедничкото соопштение на Заев Рама и Вучиќ.

Заев ветуваше Европска унија, а заврши со Мини Шенген реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

„Регионалните соработки на земјите од Балканот секогаш биле, се и ќе бидат поздравени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но тие не се ни приближно тоа кое што Зоран Заев и СДСМ им го ветуваа на граѓаните. Членството во Европската Унија и широкото семејство на европските народи се вистинската иднина на Македонија, која нема алтернатива. Мини Шенген иницијативата не смее да остане наша иднина која ќе го затвори европскиот пат,“ се вели во реакцијата на опозициската партија.

Иницијативата Мини Шенген беше покрената во 2019-та како проект за подобрување на економската и регионалната соработка, преку која трите земји сакаат да создадат единствен пазар за забрзување на економскиот развој.