Македонија
17. јуни 2021 - 14:33

Заев: Проблемот со Бугарија е билатерален и така треба да се реши

Премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со бугарскиот колега Стефан Јанев по нивната средба во Софија уште еднаш повтори дека проблемот меѓу двете земји е билатерален и дека така треба да се реши.

-Разговаравме за билатерален проблем. Имаме пријатели секаде во светот, но проблемот е билатерален и решението треба да го најдеме овде, билатерално, ние, двете страни. Ако сме одговорни политичари тоа е наша обврска – да работиме на изнаоѓање решение, рече Заев.

Тој е убеден дека двете земји ќе изнајдат решение. Рече дека на средбата бил искоментиран и португалскиот предлог. До граѓаните на Македонија и Бугарија упати апел да го одржат и да му дадат шанса да добрососедството, на соработката и пријателството, како и да дадат поддршка на иднината на двете земји и двата народа.

-Разговаравме за суштината и структурата на можното решение на проблемот преку патоказот, патната карта, секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, како и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија. Го искоментиравме и португалскиот предлог. Бугарија е членка на ЕУ и во рами на Унијата разговара за деловите кои се однесуваат на ЕУ. Наше е да разговараме за делот на билатералните прашања кои навистина не се невозможни да бидат решени. Верувам дека постои можност да изнајдеме решение. Според мене, најмалку имаме исчекор напред зашто седиме заедно, работиме заедно, разговараме за решение кое, уште еднаш кажуваме, мора да е билатерално, потенцира Заев.

Решението кое е пред нас, дополни, мора да води грижа за интересите на двете страни. Само така граѓаните ќе го поддржат и ќе има успешна реализација.

Заев рече дека по средбата со Јанев, ќе оди на средба со бугарскиот претседател Румен Радев.

-И таму ќе разговараме, заедно ќе бидеме и вечерва. Благодариме за поканата да останеме, зашто секогаш низ разговорите може да се изнајде плус креативност и инвентивност во решенијата. Но, како што кажав, убеден сум дека денешните средби во Софија ќе донесат само добро за двата братски народа. Свесни сме дека со бугарската поддршка, продолжуваме по патот на евроинтеграцијата зашто друг пат за нас нема, рече македонскиот премиер.

Претходно, бугарскиот премиер Јанев кусо соопшти дека македонската делегација е дојдена со конкретни решенија кои ќе бидат разгледани. Политиката на Бугарија, повтори Јанев, е цврста поддршка на европската перспектива на Македонија и Албанија и поддршка за нивното присоединување кон европското семејствио.

-Во моментов имаме прозор на возможност да работиме на решение. Целта ни е да се фокусираме на доверба, пријателство и отворен дијалог, подвлече Јанев.

Премиерот Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи, е во работна посета на Софија со цел интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и деблокада на македонскиот евроинтерграциски процес. Посетата се случува една недела пред состанокот на Советот за општи работи на 22 јуни и пред Самитот на ЕУ на 24 и 25 јуни.