Македонија
29. April 2021 - 16:46

Заев: Посебните листи се порака до СДСМ, ние сме единствени

Посебните советнички листи за локалните избори од истакнати социјалдемократи во Охрид се порака до СДСМ и со нив ќе се разговара, вели лидерот на партијата и премиер Зоран Заев. И покрај тоа тој не смета дека во СДСМ има превирања туку дека партијата е единствена, но и најдемократска бидејки во нејзе има различни мислења.

На внатрепартиски проблем не укажувало ни заминувањето на Радмила Шеќеринска од заменичката позиција во партијата, како и разрешувањето на Пауновски и покрај тоа што и двајцата потекнуваат од постарите структури на СДСМ. Напротив, Заев вели дека со Шеќеринска има другарски однос што е добра основа за идна соработка. 

Шеќеринска, за чие крило во партијата се коментира дека е незадоволно во партијата, денеска не сакаше да ги коментира состојбите во СДСМ.

Истакнати членови од таканареченото старо крило на СДСМ и долгогодишни советници во советот на општина Охрид вчера најавија независна листа за локалните избори под мотото „Охрид пред се’“.  Тврдат дека не станува збор за отцепување од партијата, туку иницијаивен одбор кој пред се ќе ги претставува интересите на охриѓани без примање наредби од внатрепартиските хиерархии. 

На обединување на различните крила во СДСМ вчера повика пак, кумановскиот градоначалник Максим Димитревски кој честопати изнесува различни ставови од раководството на партијата. Но, тој не прецизира дали на локалните избори ќе се кандидира независно од СДСМ.