Македонија
28. December 2020 - 16:39

Заев: Подобро здравство од јавно здравство нема, лекарите таму покажаа херојство

Имаме целосна доверба во Институтот за јавно здравје и во сите здравствени институции. Впрочем стотици илјади тестови се направени таму, и комплетно им веруваме на сите тие тестирања и сите здравствени постапки кои ги прават. Јавните институции се професионални, сега се мотивирани и лекарите и здравствените работници комплетно, тие покажаа херојство за кое со децении ќе зборуваме, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Тој на прес-конференција во Тетово по повод отворањето на новите простории на Државниот пазарен инспекторат, беше прашан за договорот со приватна лабораторија за тестови за Ковид-19, на што одговори оти првпат слуша за тоа, но и да е склучен договор, според него, веројатно има причина зошто е тоа сторено.

– Првпат слушам дека има договор со лабораторија, но веројатно има причина зошто е склучена, и ако е склучена со една, се надевам ќе дадат можност за со сите, за да можат да помогнат. За нас државните институции се примат. Дури сум дал и свои коментари со целосна респект кон приватните институции во областа на здравството, мислам на големите болници, „Филип Втори“, „Систина“, „Промедика“, сите кои што постојат во државата, но подобро здравство од јавното здравство нема, рече Заев.

Според премиерот, јавното здравство е еднакво за сите. Тој додаде дека најчесто се консултира токму со инфектолозите кои работат во државните иснтитуции, бидејќи како што рече, приватните клиники немаат таква надлежност. Според премиерот, ништо повеќе не се добива во приватните од јавните клиники.

– Јавните институции се професионални, сега се мотивирани и лекарите и здравствените работници комплетно, навистина покажаа херојство кое со децении ќе зборуваме за нив, за нивниот ангажман, повеќе од 12 часа на ден, континуирано овие десет месеци. Драго ми е што ги наградивме, стимулација што работеа повеќе од нас овој период, но не можам да не се заблагодарам на Инспекцијата, на Полицијата, Армијата, инспекторите кои секој ден се на терен повеќе од 12 часа во просек, на Црвениот крст, на Противпожарните служби, на сите Управни служби кои работат, и за нивниот фокус за време на новогодишната ноќ и сите празници кои ќе ги работат, додаде Заев.

Тој појасни дека на овие служби им обезбедиле подобри услови, но им имаат дадено и дополнителни надлежности како што се затворањето и кривичните пријави. Според него,, со својата упорност и херојството тие го чуваат здравјето и народот преку тие контроли.

– Ако пред месец дена имавме фактор на проширување на заразата еден и пол, пред две недели беше 1,05, минатата недела беше 0,92, а сега е 0,8. Ова докажува дека контролите даваат резултати и ќе даваат ако избегнеме трет пик, а тоа е можнно да се случи на празниците. Да си носиме маски, да ги почитуваме мерките, да си седиме дома и да празнуваме одговорно, порача премиерот Заев.