Македонија
1. May 2018 - 17:02

Заев оптимист за напредок во Солун

Премиерот е оптимист пред најавената средба на Димитров и Коѕијас во четврток во Солун. Заев вели дека од секоја средба очекува напредок.

Во пресрет на новата рунда преговори, името на Заев ги полни страниците на грчките весници. Грчките медиуми ја коментираат вчерашната изјава на премиерот во која тој рече дека Македонија е подготвена да и понуди гаранции на Грција во својот Устав тогаш кога ќе мора да го промени поради влез во Европската унија.

Грчката телевизија Скај коментира дека Заев ја оставил отворена можноста за промена на Уставот што може да им даде нов импулс на преговорите. И останатите грчки медиуми фокусот го ставаат на можноста Македонија да го промени Уставот за промена на уставното име.

Токму тоа е клучното барање на официјална Атина чиј министер за надворешни работи јасно порача дека за решение на спорот неопходна е ерга омнес употреба и пормена на Уставот веднаш.

Дали последните изјави на Заев го омекнаа ставот на Коѕијас ќе се знае кон крајот на оваа недела по средбата во Солун. Една недела подоцна Димитров и Ципрас ќе се сретнат и во Атина а на 17 мај во Софија доколку се постигне напредок можна е и средба Заев - Ципрас