Македонија
22. September 2017 - 10:39

Заев: Очекуваме датум за почеток на преговори

Очекуваме на есен да се тргне условеноста на препораката за членство на Македонија во ЕУ, а следен чекор да биде и датум за почеток на преговори. Реформите што ги спроведуваме, начините на кои ги продлабочуваме добрососедските односи и градиме нови цврсти пријателства со светот, придонесуваат и кон НАТО интеграциите. Сметаме дека се реални нашите очекувања Република Македонија да биде и 30. земја членка на НАТО, рече премиерот Зоран Заев на денешната средба со холанскиот премиер Марк Руте во Њујорк.

Руте, како што соопшти владината прес-служба, истакна дека Холандија во целост го поддржува реформскиот процес што го почна новата Влада на Република Македонија и ги поздравува чекорите на државата за градење добрососедски односи и регионална соработка. 

- Холандија останува силен поддржувач на Република Македонија во заложбите за постигнување на стратегиските цели, Европската унија и НАТО, нагласи Руте.

Премиерот Заев потенцира дека новата Влада е фокусирана на реформскиот процес што, рече, треба да донесе квалитетен живот на граѓаните и да ги отвори перспективите на државата кон ЕУ и НАТО, каде што земјата припаѓа.