Македонија
4. March 2021 - 20:14

Заев очекува тенкото мнозинство да ја држи власта будна, опозицијата најавува ново гласање

Мнозинството од само 62 пратеници ја држи власта будна. Ова е коментарот на премиерот Зоран Заев по гласањето за доверба на неговиот кабиент што тој самиот го иницираше. Премиерот ја доби поддршката од сите пратеници со кои и досега располагаше во парламентот, но најави и зголемување на мнозинството.

„Убаво е мнозинството да е поголемо од 62, ама вака нè држи будни. Верувам дека ќе издржи 4 години. Тоа носи и свои придобивки. Ја користам секоја можност да испратам апел, на ниво на проекти, да застанат колку што може повеќе пратеници од 62. Продолжувам да работам, да афирмирам, да замолам и анимирам, да се приклучат пратеници. Ако успееме, веднаш ќе соопштиме, ако не, 62 е стабилно мнозинство“, изјави премиерот Зоран Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак, вели потегот на Заев бил кукавички и манипулаторски чин.

„Прв ден по месец дена може да состави мнозинство во парламентот, па користи „дупка“ во законот, усмено да побара поддршка од мнозинството без никаква дискусија и без никаква претходна најава. Тоа е тој демократски капацитет на Зоран Заев и владеачката СДСМ! Не се измамени и изманипулирани само пратениците, туку и целиот македонски народ“, пишува Мицкоски на фејсбук.

И партиските реакции во парламентот се како лидерските.

Од владејчкото мнозинство тврдат дека ја разобличиле опозицијата.

Опозицијата тврди дека власта и сега не располага со доволен број на пратеници, а најавува и ново гласање за доверба на владата.

Во меѓувреме, собранието продолжи да работи, но се уште со полупразна сала.